Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска присуствуваа на литија во Охрид и на традиционалното положување на светиот крст во Охридското Езеро, по повод одбележување на христијанскиот празник Богојавление – Водици.
Министерот Спасовски упати честитка во која го честита големиот христијански празник Богојавление – Водици.-Утрово, во убавиот Охрид – македонскиот Ерусалим, заедно со претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и илјадници македонски верници, присуствував на литија во чест на празникот Богојавление – Водици, на традиционалното фрлање на светиот крст во водите на Охридското Езеро. Дозволете во свое и во име на МВР да ви го честитам големиот христијански празник Богојавление – Водици, со срдечни желби за здравје и духовен спокој, стои во честитката.
Според Спасовски, сведоштвото за Христовото крштевање го означува почетокот на обновата, на спасоносната вера, почетокот на сѐ, преку прочистување или ослободување од гревот.
-Кога Јован Крстител го крштевал Христа во водите на Јордан се покажала и Христовата мисија како пат на спасението на човештвото. Сведоштвото за духовното раѓање нека донесе единство – eдинствo на умoт, срцeтo и вoлјата, а Богојавленскиот водосвет нека благослови со здравје, љубов, мир и хармонија, се вели во честитката од министерот Спасовски.