Во моментов немаме индикации за влошување на безбедноста. Генерално, безбедноста претставува сериозен предизвик поради случувањата со инвазијата на Русија врз Украина. Нашите безбедносни служби работат во полн капацитет во однос на заштитата на територијалниот интегритет на Македонија, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Во изјава за медиуми по отворањето на Научно-стручната дебата на тема „Јавната и приватна безбедност – преку координација и соработка до заедничка превенција на безбедносните ризици и закани“, што се одржува на Филозофскиот факултет во Скопје, министерот Спасовски рече дека членството во НАТО практично ни гарантира безбедност.
– Значењето на тоа членство во НАТО можеме да го увидиме сега, во моменти кога имаме еден ваков сериозен конфликт. Така што сите случувања на тој план треба да нè држат будни, како безбедносни служби, инаку овде немаме индикации за нарушување и во однос на мигрантите ние немаме практично зголемување на бројот на илегалните обиди во споредба со истиот период од минатата година, рече тој.
Спасовски дополни дека имаме намалување на бројот на илегални мигранти, но состојбата околу мигрантската криза се следи постојано и врз основа на параметрите соодветно се реагира.
Одговарајќи на новинарско прашање дали знае кога ќе биде потпишан договорот со ФРОНТЕКС, тој одговори дека очекува тоа да се случи следниот месец.
– Јас очекувам можеби следниот месец. Дека ќе се завршат сите формални постапки во рамките на Европската Унија и ќе можеме да го потпишеме, секако дека тоа ќе биде прв договор на ниво ЕУ – С. Македонија, кој што ќе биде потпишан некаде кон крајот на октомври, рече министерот Спасовски.