Во рамки на Министерството за внатрешни работи 48 проценти од раководните позиции им се доверени на жени. Исполнетноста на принципот на застапеност на жени на раководни позиции е евидентна и во рамки на Бирото за јавна безбедност, објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Така, жените се на раководни позиции на Оддели како помошници директорки, началнички, командирки на полициски станици или на полициски одделенија, жените се вклучени и во Одделот за специјални полициски операции, поточно во Единицата за брзо распоредување, Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, жените ги покажуваат своите врвни професионални перформанси во Одделот за воздухопловни единици и Единицата за интервентна полиција, што порано не беше случај. Новиот Колективен договор помеѓу МВР и МПС е прв колективен договор во државната управа кај нас, во кој се употребуваат родовиот речник и терминологија, а во кој е предвиден и паричен надомест во висина од 100 евра во денарска противвредност на жени вработени во МВР кои ќе се реализираат како мајки, за секое новородено дете, напиша Спасовски на Фејсбук.

Честитајќи го Меѓународниот ден на жената, Спасовски вели дека ваквата посветеност во креирањето на политиките и доследната реализација на активностите се неопходни за да се забрза прогресот и да се овозможи иновативниот потенцијал на жените да биде двигател на промените.

– Уверен сум дека ова треба да е императив во глобални рамки. Затоа и ве повикувам сите, заеднички да ги надминеме видливите, но и оние невидливите бариери во умот. Таквата акција изискува колективна одговорност и заедничка заложба на еднакви граѓанки и граѓани по сите основи, вели Спасовски.

Иако прогресот во изминатите неколку децении е видлив, сепак, оценува Спасовски, светот сѐ уште не може да се пофали со ефективна родова еднаквост.