Креирањето на заедничките политики е само предуслов за заедничко функционирање во рамки на Европската Унија. Вратата е отворена. Од нашите заложби зависи дали ќе го преминеме прагот. Но она што сигурно знам е дека решително чекориме напред. Европскиот моментум е неминовен.
Ова го порача денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во поздравно обраќање со кое почна дводневниот Министерски форум посветен на внатрешни работи и правда ЕУ – Западен Балкан 2023 што се одржува во Скопје под покровителство на шпанското претседателство.
Како што соопшти МВР, Спасовски на присустните еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, министерот за внатрешни работи на Кралството Шпанија Гранде-Марласка Гомез, кој го претставува претседателството на Советот на ЕУ, министрите за внатрешни работи на земјите од Западен Балкан и други високи претставници на ЕУ, Европол, Фронтекс, им посака добредојде на, како што рече, овој исклучително важен министерски собир, кој, е уште еден доказ за нераскинливата врска на регионот со европското семејство – географски, стратешки, вредносно.
-Посебна чест ми претставува што токму Република Северна Македонија, за само четири години повторно ги отвори вратите како домаќин на Форумот ЕУ – Западен Балкан, овој пат во момент кога светот, како никогаш досега во поновата историја не бил пред така силни геополитички, па и цивилизациски предизвици, кои нужно бараат соодветни и глобални одговори. Оти едноставно, никој не е заобиколен од последиците коишто можат, во годините пред нас, да произлезат од актуелните случувања, потенцираше министерот Спасовски.
Спасовски изрази уверување дека преку овој форум ќе исползуваме илустративно да ги прикажеме нашите резултати и постигнувања во изминатиот период, да се разменат мислења и ставови кои ќе дадат придонес кон зајакнување на соработката и заедничките политики.
-Тука, особено би го истакнал зборот „заедништво“. Бидејќи не случајно сме собрани овде сите заедно. Факт е дека креирањето на заедничките политики е само предуслов за заедничко функционирање во рамки на Европската Унија. Вратата е отворена. Од нашите заложби зависи дали ќе го преминеме прагот. Но она што сигурно знам е и дека решително чекориме напред. Европскиот моментум е неминовен.“, поентираше министерот Спасовски.
Спасовски, уште еднаш се заблагодари на претседателството на Советот на ЕУ – Кралството Шпанија за укажаната чест да бидеме домаќини на овој Форум и до ЕУ и до еврокомесарката Јохансон, кои ги препознаваат нашите безрезервни заложби за што побрзо приклучување кон европското семејство, стои во соопштрението.