Продолжува заедничката борба против илегалната миграција и потребни се унифицирани законски решенија и усогласени процедури за постапување со цел да се овозможи полесно движење за оние кои се одлучиле или биле приморани на миграција, порача денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на традиционалниот дипломатски брифинг „Пријателите на МАРРИ“, во организација на МАРРИ Регионалниот Центар.

Министерот Спасовски информира дека во првите два месеца од 2022 година има тренд на намалување за 27 отсто на обидите за илегални преминувања во земјава.

– Спречени се 1.439 обиди, од нив во февруари – 764, а во јануари – 675 обиди. Дури 77 отсто од обидите се спречени на границата со Грција или 1.119 обиди, 280 на границата со Србија, 28 на границата со Албанија, 10 на границата со Косово и 2 на границата со Бугарија. Во однос на земјите на потекло на спречените мигранти, доминираат Пакистан со 351 мигрант, Сирија со 236 и Индија со 211 мигранти, изјави Спасовски.  Додаде дека тренд на зголемување за четири пати се забележува во бројот на откриени случаи на криумчарење мигранти или откриени се 16 случаи на криумчарење на 150 мигранти.

Посочи дека миграцијата како феномен е регулирана со повеќе закони, а минатата година Меѓуресорската работна група работеше на креирање на Резолуција на миграциската политика на Република Северна Македонија 2021 – 2025 година. Со ова, како што нагласи, покажавме дека Владата останува посветена на управувањето на сите релевантни аспекти на надворешните миграции, почитувајќи ги промените во карактеристиките на легалната и нелегалната миграција.

Според него, од круцијално значење е да се направи исчекор напред во однос на усвојувањето на новите основачки документи на МАРРИ, кои го регулираат функционирањето и на Иницијативата и на Центарот. Со овие документи, како што рече, ќе обезбедиме поголема флексибилност на Иницијативата, побрз одговор на потребите утврдени од релевантните институции на учесничките, но ќе дадеме и силен импетус за Регионалниот Центар, како и за самата Иницијатива уште повеќе да раснат и да бидат препознавани како регионален фактор од страна на сите оние кои сакаат да соработуваат во регионот, секако делот на миграциите.

Министерот Спасовски изрази благодарност до Канцеларијата на ГИЗ од Скопје за нивната поддршка. Потенцира дека Канцеларијата на ГИЗ е главен чинител и во спроведувањето на регионалниот проект за Превенција и борба против трговија со луѓе, познатиот ПаКТ проект, во рамки на кој се дава поддршка на службите надлежни за превенција од трговијата со луѓе и се става акцент на заштитата на жртвите и потенцијалните жртви.

Директорот на Регионалниот Центар Сашко Коцев се осврна на сите тековни проекти и натамошни активности предвидени да се реализираат во рамки на Регионалната иницијатива за азил, миграција и бегалци.

На 5 април 2004 година во Херцег Нови беше одржан првиот МАРРИ Регионален форум и беше усвоена Декларација согласно која МАРРИ учесничките се договорија самостојно да раководат со Иницијативата и да одлучуваат за активностите кои треба да бидат спроведени на регионално ниво. Истата година се формираше и Регионалниот Центар со постојана канцеларија во Скопје. мд/са/

2022