Факт е дека најголемите мангупи во сообраќајот се токму носителите на функции, рече денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски од собраниската говорница, во врска со опожареното Ауди А6 пред домот на неговиот колега, вицепремиерот Артан Груби.
Во ова возило беше утврдено дека незаконски биле поставени светлосна и звучна сигнализација какви што користат возилата на МРВ.
– Тоа ниту е прво, ниту, пак, последно возило во кое недозволено има таква сигнализација, потврди Спасовски, релативизирајќи го проблемот што го прават високи функционери.
Сите факти, додаде Спасовски, ги доставивме до Јавното обвинителство и се што ќе се утврди за овој случај ќе се процесуира понатаму.
-Факт е дека најголемите мангупи во сообраќајот се токму носителите на функции не бирајќи ни политички партии нити функции ниту, пак, било што друго. Првите флешери ќе ги видите ако влезете во Белата палата, но постојат и во другите политички партии. Апелирам сите заедно како политичари да бидеме пример за луѓето и пример за одговорност, потенцира Спасовски.
Посочи дека на сите министри во Владата им е укажано кој има право да користи светлосни и звучни сигнализации и додаде дека тоа може да го користат само тие кои се обезбедуваат и се во придружба со полиција.
-Ниту еден друг не смее да има вакви светлосни и звучни сигнализации во своите возила, нагласи Спасовски, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието на Република Македонија.