Чест и обврска е да се дава поддршка на употребата на македонскиот јазик, објави бившиот премиер Зоран Заев, за активнмостите на фондацијата што ја формира,

– Преку нашата Фондација го поддржуваме редовното издавање на Преспа – весникот на заедницата на Македонците во Албанија. Го помагаме информирањето на Македонците во Албанија на македонски јазик. Го афирмираме македонскиот етнички, јазичен, културен и верски идентитет и придонесуваме кон унапредување на правата на македонската дијаспора, објави Заев на неговиот профил на Фејсбук.

Добар потег на бившиот премиер, во чиј мандат е потпишан Договорот од Нивици со кој е сменето уставното име на Македонија и се откажа од античката историја на Македонија. Но, многу поголема заедница од Македонци има во Егејска и Пиринска Македонија, доколку Заев искрено сака да им помага на Македонците во соседните земји и во дијаспората, а не само поради политичко рекламирање.

За политичко-пропагандни цели полесно е да се користат Македонците во Албанија, но не и Македонците во денешна Грција и во Бугарија, каде што и тоа како им е неопходно „унапредување на правата“ и заштита на македонскиот етнички и културен идентитет.

Како што објавивме, викендов, и претседателот Стево Пендаровски беше во посета на Македонците во Албанија, но денеска вистински политички јунаци ќе бидат политичарите кои такви потези ќе направат и во Бугарија и во Грција.

(Д. Г.)