Денеска, во претседателската резиденција присуствував на свечена церемонија за доделување на Орден за заслуги и Повелба на РС Македонија, објави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Министерот Спасовски во објавата за денешните негови активности додава:

– Орден за заслуги беше доделен на добитникот на Нобеловата награда за економија Пол Кругман, за иновативност, визија и особен придонес во сферата на економијата. Добитник е и Стопанска комора на Македонија, за својот 100-годишен грижлив и посветен влог и траен придонес во развојот на стопанството и поврзувањето на различните еснафски стопанственички структури. Со Повелба на РС Македонија е одликуван претседателот на Стопанска комора на РС Македонија, Бранко Азески, за фундаментален придонес во осовременувањето и развојот на стопанството, како и за високо професионалното раководење со Стопанската комора и секторот на стопанството. Во оваа прилика сакам да упатам срдечни честитки до одликуваните, со желби за понатамошен успех на личен и професионален план, објави Спасовски на својот официјален профил на Фејсбук.

Инаку, денеска, Спасовски повторно беше повикан од опозициската ВМРО-ДПМНЕ да го разјасни последниот случај од Чаир, во кој заменик-директорот на БЈБ на МВР интервенира и ослободува лице барано со потерница, а кое пукало во полициски службеници.