Флешери на возилата имале градоначалници, министри и раководители, но во минатото, сега не, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање дали вакви уреди има и на возилата и на членови на СДСМ, како што беше случај со запаленото возило, кое медиумите го поврзуваат со првиот вицепремиер Артан Груби.

-Дали имало во политички партии? Имало. Дали имало и во СДСМ? Имало едно време. Меѓутоа сега не смеат да се осмелат заради тоа што знаат дека исто ќе реагираме како и за секој еден друг. Така што, имало и градоначалници и министри и раководители коишто имале такви уреди за коишто платиле казни, вели Спасовски.

Тој пред две и пол години има доставено и посебна информација до Владата, со којашто ги информирал сите министри дека освен оние коишто се со полициска придружба на основа на уредба, никој друг не смее да користи вакви светлосни уреди.

-Знаете, ако погледнете во целиот период додека јас раководам со полиција ќе најдете прекршочна казна за неколку министри за непочитување на сообраќајни правила и прописи. Со тоа ја праќаме пораката дека нема селективност. Мораме сите да ги почитуваме законите, вели Спасовски, потенцирајќи дека сите се согласни оти ни потребен ред во државата.

Министерот за внатрешни работи додаде и дека треба да се почитуваат законите, како и да се почитува редот кога ќе се добие термин за патни исправи и доколку полицијата утврди нечиј прекршок, тогаш не треба да се бара помош, туку да се сноси одговорност без разлика кој е, дали е носител на функција или е кој било обичен човек.