Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостување на ТВ21, запрашан за случајот со Клиниката за онкологија, беше категоричен дека секој еден кој бил инволвиран, без разлика на позиција, ќе одговара.

„Мислам дека лично не би требало да почнувам со клише за тоа што се случува, нема збор што може да ја опише самата помисла во однос на случките на Клинка за онкологија. Најблаго кажано, сметам дека се изгубила човечката димензија, ова се состојби коишто во континуитет подолг временски период траеле. Вие знаете дека имаше неколку пати јавни написи, имаше одредени пријави кои беа доставувани до МВР, до ОЈО, и тоа беше основната причина за која што се отвори предмет во ЈО и се преземаат веќе процесни дејствија”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека мора да се истера до крај и да се анализираат сите аргументи.

„Наводите кои беа објавени, одредени информации кои се приберени на оперативно ниво од Крим полиција при МВР, бараа да се одземат соодветни електронски уреди, да се одземат одредени материјали од Клиниката за онкологија, кои преку анализа може да бидат дел од доказите. Сакам да кажам дека посебен тим од Крим полиција работи во координација со ОЈО, напревен е целосен план во однос на постапување и интензивно се работи на прибирање на информации. За конкретноста на информациите не можеме да говориме и да откриеме сега, не смее да се влијае на постапката, се со цел да не се руши еден дел од доказната постапка, пред се во смисла на сведоци. Постојат постапки и процедури, бројот на лица со ПИМ е поголем и тоа е засега што може да се соопшти во јавноста. Виновниците имаат име и презиме и тие мора да бидат утврдени”, истакна министерот Спасовски.

Министерот Спасовски упати јасна порака до сите граѓани:

„Ваков чин на злосторство, нехуманост, нечовечко однесување, од било кого да е направено, нема да има никаква толеранција. Тоа е основата која ја имаме во работењето со ОЈО и тука нема да има пардон за никого. Се случувале 20 години вакви настани, имало индиции многу пати до сега, но сега е дојден моментот да се расчистува со корупција и за тоа ги преземаме сите чекори и мерки кои стојат на располагање. Секој еден кој бил инволвиран без разлика на позициите кои ги имале, ќе биде дел од процесот и ќе носи одговорност”, беше категоричен Спасовски.