Запрашан за застапеноста на Албанците во специјалната полициска антитерористичка единица „Тигар“, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во емисијата „Прав пат“ на Алсат-М одговори дека во таа единица не е важна етничката припадност, туку дека кандидатите мора да ги исполнуваат условите што ги предвидува оваа елитна единица.
Тој посочи и пример за еден кандидат Албанец, кој ги поминал сите тестови за да стане дел од единицата „Тигар“, но сѐ паднало во вода поради тоа што не знаел да плива.
– Од сите кандидати што се појавија, само еден беше Албанец. Тој ги почна тестовите и стигна до прелиминарните проверки, но бидејќи не знаеше да плива, не можеше да продолжи. Тука нема импровизации и никако не можете да направите некакви отстапки“, рече Спасовски.
Тој најави дека најдоцна до март следната година униформите на полицајците ќе бидат двојазични – на македонски и на албански јазик.
– Се спроведуваат сите процедури од март 2023 година полициските униформи да бидат на два јазика. Оваа регулатива стапи во сила осмиот ден откако беше донесена и ќе почне да се применува најдоцна една година од влегувањето во сила, поточно најдоцна на 26 март 2023 година – објасни Спасовски.