Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на последната собраниска седница со пратенички прашања за оваа година имаше можност да одговара на следното пратеничко прашање:
„Пред некој ден на брифинг со новинарите рековте дека истражувањата покажуваат дека сме најбезбедна земја на Западен Балкан, а МВР меѓу најтранспарентните институции. Врз база на кои истражувања и какви се конкретните податоци?“
„РС Македонија е најбезбедна од земјите на Западен Балкан, со скок од 67 места во 2017 година и четири позиции повисоко рангирана од лани. Или, според Глобалниот индекс на мир (GPI – Global Peace Index), годинава сме во друштвото на 36 најбезбедни држави во светот. Проценувајќи неколку аспекти на мирот, вклучително општествена безбедност, Глобалниот индекс на мир е корисна алатка за анализа до каде сме стигнале во нашите заложби. “, потенцираше министерот Спасовски.
Спасовски рече дека ако се навратиме на 2017 година, од кога нашата држава бележи континуиран напредок на листата на најбезбедни држави во светот која секоја година ја прави Институтот за економија и мир, не може, а да не ги реафирмираме трите важни приоритети кои ова раководство на Министерството за внатрешни работи ги постави пред себе: професионализација, департизација и декриминализација. Според нивната тежина, тоа беа најважните суштински прашања со цел да се врати чувството на безбедност и сигурност кај граѓаните и секако довербата во институцијата.
Што се однесува до транспарентноста, министерот Спасовски истакна дека според резултатите на организациите кои се занимаваат со демократските права, слобода на медиумите и транспарентност на институциите МВР важи за една од најтранспарентните институции во земјава и регионот.
„Така, активната транспарентност на МВР од просечни 59.5% во 2016, во 2022 изнесува високи 91.7%, што претставува скок за 32.2%, поминувајќи три нивоа – од крајно затворена институција до многу добра активна транспарентност. Индексот на отвореност на МВР говори за 76.10% исполнетост на индикаторите за отвореност. Сето ова, но и секојдневниот однос и соработка со медиумите нѐ мотивираат да продолжиме со создавање отворена, отчетна и транспарентна институција пред граѓаните. Активната соработка со медиумите претставува вистински одраз на внатрешната политика на Министерството во насока на градење на довербата помеѓу граѓаните и полицијата.“, ги презентираше статистистиките за транспарентноста министерот Спасовски.
Министерот уште еднаш ги истакна позитивните бројки со кои министерството ја финализира годината како намалување на вкупниот криминалитет за 6% за разлика од минатата година, над 124 откриени дела во борбата со корупцијата, успешната борба со илегалната миграција, трговијата со оружје, најголемата уништена количина на дрога од над 10.4 тони оваа година.