Ова се класични хибридни напади не само кај нас туку и во целиот регион, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во интервју за Слободен печат.
Тој говореше за истрагата во врска со дојавите за поставени бомби во скопските училишта, кои не стивнуваат и денеска.
Спасовски рече дека во тек е обемна истрага, а во неа се вклучени АНБ, одделението за антитероризам како и странските партнери. Потенцираше дека им е познато од каде доаѓаат мејловите.
-Ова се класични хибридни напади не само кај нас туку и во целиот регион. Знаеме од каде доаѓаат мејловите и како. Министерството функционира во полн капацитет и ќе го надминеме овој проблем – истакна Спасовски.
Спасовски во интервјуто навести дека еден од изворите на хибридните напади е Швајцарија, но немаат поконкретни информации од тамошните институции кои како што нагласи тој, се затворени. Сепак, познато е дека од таму пристигале и закани кон други земји во регионот, рече Спасовски.
И денеска повторно пристигнаа дојави за лажни бомби во скопските училиштата Никола Карев, Панче Арсовски, Владо Тасевски и Јосип Броз Тито.