Српскиот патријарх Порфириј денеска му врачи акт на поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г Стефан, со кој се потврдува одлуката на СПЦ, која беше објавена на 24 мај по сослужувањето на заедничка литургија во Соборниот храм во Скопје, со која СПЦ ја одобри и упати благослов за автокефалноста на МПЦ – ОА, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.
-Денеска по благодата Божја имаме прилика да го овенчаме тоа што веќе постои меѓу нас, а тоа е единството, кое во еден период беше нарушено, но е воспоставено во духот на Црквата, а тоа е Македонската црква – Охридската архиепископоија дека има не само услови потребни да се организира во контекст на автокефална црква и дека тоа е најдобар можен начин и метод за животот на нашите православи браќа и сестри во С. Македонија. Затоа она што веќе го реализиравме преку служењето на литургија во Скопје, денеска чувствуваме и јавно пред сите да го објавиме документот, кој се нарекува томос, изјави Порфириј по денешната литургија во Белград.
Српскиот патријарх по литургијата во Скопје на 24 мај најави дека Светиот собор на СПЦ му дал должност на Синодот, во соработка со архиепископот Стефан и неговиот Синод, да разработат техничко-организациски детали, по што ќе следи свеченото прогласување на официјалниот акт, што се случи денеска.
На денешната архиерејска литургија во Белград во Соборниот храм на Свети Архангел Михаил служеа српскиот патријарх Порфириј и архиепископот на МПЦ – ОА г.г. Стефан, јави дописникот на МИА од Белград.
Со патријархот Порфириј, освен г.г. Стефан сослужуваа и митрополитите Преспанско-пелагониски Петар, Дебарско-кичевски Тимотеј, Повардарски Агатангел, Европски Пимен, Кумановско-осоговски Григориј, Високопреосветените епископи Зворничко-Тузлански Фотиј, Крушевачкиот Давид, Ремезијанскиот Стефан, Топличкиот Јеротеј, Западноевропскиот епископ Јустин и епископот јегарски архимандрит Нектариј.
Присуствуваат и Високопреосветениот митрополит тетовско-гостиварски г. Јосиф, Преосветениот епископ Хераклејски Климент, Неговото Високопреосвештенство Епископот бачки г. Иринеј, Неговото Високопреосвештенство епископот марчански г. Сава и Неговото Високопреосвештенство, пензионираниот епископ канадски г. Георгиј.
На заседанието на Светиот архиерејски синод на СПЦ во мај беше донесена едногласна одлука за прифаќање на автокефалноста на МПЦ. За таа одлука гласаа сите 42 епископи на СПЦ.
По заедничката литургија на МПЦ и СПЦ во Скопје, патријархот Порфириј ја соопшти одлуката на Соборот, кој „едногласно и еднодушно излезе во пресрет на барањата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија“ и ја прифати нејзината автокефалност.
Патријархот потоа рече дека по „заедничкото извршување на техничките и организационите детали ќе бидат информирани сите други православни цркви кои ќе бидат поканети според својот канонски ред и поредок го прифатат автокефалниот статус на МПЦ-ОА “.
Со овој чин на СПЦ се отвори и процесот за стекнување на Томос за автокефалност, кој двете сестрински цркви очекуваат да биде доделен од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Вселенскиот патријарх на 9 мај 2022 година објави одлука за враќање на нашата Црква во канонско единство со останатите православни цркви. Познато е дека вселенскиот патријарх Вартоломеј уште во февруари 2022 година испрати писмо до СПЦ со апел да го реши процесот со МПЦ-ОА.
Г. г. Стефан на заедничка литургија со патријархот Порфириј во Соборниот храм во Скопје обзнани дека Вселенската патријаршија ја прифатила молбата на МПЦ-ОА за сослужение што ќе се одржи во храмот во Фанар на роденденот Црквата, на празникот Педесетница (12 јуни).