Во Томосот кој денеска српскиот поглавар Порфириј му го врачи на архиепископот Стефан, се наведува дека се доделува имајќи ја предвид новосоздадената црква, историските други околности и се нагласува дека „автокефалноста на новата сестринска црква е полна автокефалност“.

„Ова значи дека СПЦ не го условува со одредби кои ја ограничуваат нејзината канонска јурисдикција и пастирска грижа за нејзиниот верен православен народ во нивната матична земја и дијаспора“, стои во томосот што значи дека МПЦ-ОА е надлежна за просторот во Македонија и за своите епархии во странство.

Истовремено, Српската православна црква „топло му препорачува на Синодот новата сестринска црква“ да го реши прашањето за нејзиното официјално име преку директен братски дијалог со Хеленската и другите помесни православни цркви.

„Се отстапуваат светите храмови и манастири, особено големите светилишта од времето на Немањиќ и подоцнежните периоди на српско присуство на црковна архитектура и културно творештво на територијата на денешна Северна Македонија, како и вкупниот движен и недвижен имот на СПЦ на новата автокефална сестринска црква“ се наведува во Томосот.