Специјалната обвинителка Катица Јанева, која е во притвор во истражниот затвор во Шутка како осомничена за криминалната афера „Рекет“, дала наредба сите истраги и предистражни постапки на СЈО во рок од три дена да бидат предадени на Јавното обвинителство, потврдија за МИА од СЈО.
Јанева дала полномошно сите предмети на СЈО да бидат предадени на Јавното обвинителство, потврдија од СЈО.
– Во текот на вчерашниот ден до ова Јавно обвинителство од страна на Основниот кривичен суд Скопје доставено е полномошно кое Катица Јанева преку КПУ „Затвор Скопје“ го доставува до ова Јавно обвинителство. Со полномошното Јанева ги овластува обвинителите во ова Јавно обвинителство да ги предадат на Јавното обвинителство на РСМ предметите кои се водат во ова Јавно обвинителство и тоа: кривичните предмети во судење, во истрага и во предистрага, се наведува во соопштението објавено на веб страницата на СЈО.
Имајќи го предвид законот за СЈО и одредбите за автономија на Обвинителството, во текот на денешниот ден ќе биде испратен допис до Јавното обвнителство на РСМ со цел запознавање на Јавниот обвинител на РСМ со ваквото полномошно, по што ќе биде донесена одлука за евентуално понатамошно постапување, наведуваат од СЈО.
Мандатот на СЈО истекува на 15 септември 2020 година, односно за една година. Но, неговиот иден статус уште сега треба да се реши со новиот закон за ЈО кој е во собраниска процедура, а за него власта и опозицијата засега не можат да се усогласат.