Шефицата на СЈО, Катица Јанева, денеска конечно отиде на разговор или распит во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал, но специјалната обвинителка со себе поведе и адвокат.
ЈО за гонење организиран криминал минатата недела ја покани Јанева да даде исказ за криминалната афера Рекет како сведок.
Но, присуството на адвокатот на денешното давање исказ на Јанева го отвори прашањето за тоа дали Јанева е сведок или осомничена?! Не е вообичаено на изјава на сведок да присуствува и адвокат, освен ако повиканиот не е жртва или оштетено лице, но таа постапка и не е забранета.
Јанева денеска во 10 часот влезе во зградата на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал во Скопје, придружувана од адвокатот Стеван Павлевски, поранешен републички јавен обвинител. Таа сѐ уште не е излезена од зградата.
Павлевски е адвокат и на еден од осмничените во случајот „Империја“, Цветан Панделески, сопственик на „Пелистерка“, а случајот е на СЈО.
И ситуацијата е малку чудна бидејќи Јанева кај Вилма Русковска ќе ја брани адвокат кој е бранител на еден од обвинетите во предмет што Јанева и СЈО го гони.
– Согласно законската дефиниција, под судир на интереси се подразбира состојба во која службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасното вршење на неговите јавни овластувања или службени должности. Зошто ова ни се случува?!, запраша на Фејсбук адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска.
Јанева, која по избивањето на аферата најави оставка, денеска нагласи дека таа се уште е специјална обвинителка.
– Јас сум се уште специјален обвинител. Моите колеги имаат целосно овластување да ги застапуваат предметите пред суд. Се надевам дека ќе имаме повеќе разрешници оваа есен. Што се однесува до мојата изјава денеска се надевам дека со моите аргументи и мојата изјава ќе ја забрзам постапката, изјави Јанева.
Досега во Обвинителството искази дадоа тројца обвинители од СЈО, Лиле Стефанова, Елизабета Јосифоска и Бурим Рустеми. Вчера на распит беше донесен второосмничениот Зоран Милески – Кичеец, како и пензионерката Лилјана Тодоровски, која е потписничка на проектот за европски центар на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13.
Катица Јанева и Лиле Стефанова беа спомнати во снимените разговори и видеата што ги објави интернет изданието на италијанскиот весник „Ла Верита“, а во врска со случаите „Рекет“ и „Империја“.