Кит Келог, специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, потврди дека Трамп дал одобрение Киев да изведува напади длабоко во територијата на Русија. Келог го изјави ова во разговор за Фокс Њуз.

На директно прашање дали ставот на Трамп значи дека Украина може да изведува далекусежни удари врз Русија, Келог одговори потврдно. – Мислам дека, читајќи што тој кажа, и читајќи што кажаа потпретседателот (Џеј Ди( Ванс како и државниот секретар (Марко) Рубио, одговорот е да. Искористете ја способноста за длабоки удари, порача тој.

Келог, исто така, нагласи дека „не постојат такви нешта како што се безбедни засолништа“.

Меѓутоа, на прашањето дали украинските сили имаат дозвола за користење на оружје испорачано од САД на овој начин, Келог призна дека ситуацијата е „мешовита“.

– Понекогаш добиваат дел од овластувањата, понекогаш не. Мислам дека сите треба да ги следат упатствата на претседателот. Тој е врховен командант според Уставот и сите мора да го слушаат. Ако претседателот оди лево, одите лево. Ако каже одете десно, одите десно, изјави Келог, истакнувајќи дека Пентагон понекогаш не ги спроведува претседателските одлуки.

Пратеникот откри и дека украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на состанокот со Трамп побарал ракети „Томахавк“, чиј дострел е до 2.500 километри. Според Келог, одлуката за тоа барање сè уште не е донесена.

Последните недели американскиот претседател е сè поостар кон Владимир Путин. – Не сум задоволен со она што го прави Русија и со она што го прави претседателот Путин. Воопшто не ми се допаѓа тоа. Тој убива луѓе без никаква причина, рече Трамп на конференција за медиуми на 25 септември.

Келог истакна дека Москва не ги остварува своите цели. – Да победуваа, веќе ќе беа во Киев, Одеса, преку Дњепар, оцени Келог..

Дека дојде до пресврт во американската политика кон Украина, потврди вчера и американскиот потпретседател Џ. Д. Ванс, кој изјави дека поради огромните човечки загуби и тешките последици за економијата, „јасно е дека е време“ Русија да седне на преговарачка маса и сериозно да разговара за мир во Украина.

– Руската економија е во хаос. Русите не постигнуваат многу на бојното поле. Јасно е време да го послушаат неговиот страстен апел да седнат на маса и навистина сериозно да разговараат за мир, рече Ванс во интервју за Фокс Њуз Сандеј.

Тој додаде дека верува оти до промената дошло поради „реалноста на теренот, со Русите кои убиваат многу луѓе и губат многу луѓе, а немаат многу што да покажат“.

Овој пресврт доаѓа откако Трамп минатата недела, за време на конференцијата за медиуми со украинскиот претседател Володимир Зеленски на Генералното собрание на ОН, изјави дека сојузниците од НАТО треба да соборуваат руски авиони кои го нарушуваат нивниот воздушен простор.

Тој, исто така, најави дека САД ќе продолжат да испорачуваат оружје на НАТО „за НАТО да прави што сака со него“ и истакна дека Украина не само што може да победи во војната, туку и да ја врати изгубената територија.

Новата доверба на претседателот во победата на Украина е во остар контраст со неговите поранешни изјави дека Киев не може да ја добие војната и дека треба да ѝ отстапи територија на Русија. Неговиот настап со Зеленски минатата недела исто така драстично се разликува од состанокот во февруари, кога и Трамп и Ванс го критикуваа украинскиот претседател.

фото: архива