Давањето МКарта на 69 наши граѓани во дијаспората е симболична чест и знак дека не сме ги заборавиле, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи за листата на лицата кои добиле МКарта.
– Тоа е еден вид почит и внимание за тие луѓе кои се истакнати личности во земјите во кои што живеат и работат и порака до нив да се вклучат во нашиот развој, рече Османи.
Носителите на „МКарта“ нема да имаат привилегии на дипломати. Единствено симболична порака е дека ќе им го олесниме доаѓањето во државата за да дојдат и да се вклучат во нашиот развој, рече тој на денешниот брифинг одговарајќи на новинарско прашање.
Министерот појасни дека нашите амбасади ги идентификуваат овие луѓе и ги предлагаат во Министерството.
– Едноставно да биде доказ дека тие се дел од нашата мрежа на успешни луѓе во дијаспората и луѓето прифатија да бидат дел од носители на „МКарта“ без никакви привилегии, рече Османи, додавајќи дека станува збор за исклучителни луѓе од различни сектори кои можат да бидат ставени во функција на нашиот развој.
Идејата, според Османи, е да се направи мрежа на тие луѓе со кои ќе имаат постојано контакт и да се состануваат еднаш годишно во вид на конференција и семинири, а во текот на годината да бидат вклучени во различните работни групи низ државата.
-Јас ветив дека ќе можат да се прават одредени симболични мерки, повеќе како почит кон нив отколку дека тоа на нив суштински ќе им значи. Сме обезбедиле тие што се носители на „МКарта“ кога ќе дојдат в државата да влезат во музеите бесплатно. Симболиката која сакаме да им ја покажеме дека ни направија чест што ги оставаат нивните ангажмани таму и во тој пакет на мерки рековме да се искористат и така постоечките брзи траки кои се за носители на дипломатски пасоши и ги замоливме од МВР овие карти да бидат искористени, рече Османи.
Станува збор, како што беше наведено, за научници, лекари, бизнисмени и уметници со македонско потекло што живеат во странство, а се истакнале во својата дејност и ја промовирале Македонија во земјата во која живеат и работат и истовремено имаат желба и интерес да бидат дел од развојот и општествените процеси во земјава.
– МКартата претставува признание и потврда за истакнати личности или поединци од дијаспората, кои имаат дадено посебен придонес за подобрување на односите на РС Македонија со дијаспората или државата во која престојува, за подобрување на меѓународниот углед на државата или е познат и признаен професионалец во струката. Истата е со ограничен рок на траење од четири години, велат од МНР.
Подолу го објавуваме спискот на 69-те граѓаните кои поседуваат МКарта: