Пишува: Блаже Миневски
„Почна војната во Европа. Беше почнал да беснее Хитлер…Од Албанија пристигнаа многу качаци кои почнаа да вршат убиства и кражби. Тие станаа господари. Почнаа да викаат: ’Да живее Албанија’… Дојде нивно време. Дојде нова власт. Тешка како што беше во оние стари времиња кога владееја арамии, зулумќари, убијци… Општината ни ја зедоа. Италијаните ја предадоа на арнаутите. После го предадоа и началството и училиштата. Со еден збор станавме повторно робови на прост и навоспитан народ. Завладееја и со трговијата. Градоначалникот донесе наредба да не носат рибарите риби во продавницата, кај нас, туку да ја носат кај арнаутот што го зеде езерото. Така ние во дуќанот останавме без работа. Тешко е да биде човек роб кај арнаутите: отворија училишта, ги тераа децата да учат арнаутски, да ја менуваат народноста. И затоа многу стружани избегаа во Охрид да учат кај бугарите…“, пишува стружанецот Иљче Јанче-Евро во своите спомени кои завршуваат со влегувањето на италијанската војска, односно албанските балисти во 1941 година во Струга.
Според проф. д-р Павле Митрески, кој го пронашол оригиналот на дневникот во семејството на Евро, каде што се чувал повеќе од седум децении, текстот е пишуван со мастило, во тетратка, со кирилично, македонско писмо, со букви од старословенската кирилична азбука. Записите се на македонски јазик, претежно струшки дијалект, со одделни зборови од бугарско потекло, што е резултат на неговото основно образование. Спомените се однесуваат на периодот од крајот на 19 век па се до паѓањето на Струга по италијанска окупација во 1941 година. Податоци за тоа кога е пишуван текстот нема, односно не е забележано кога се пишувани, иако, според д-р Митрески, судејќи по форматот на тетраката, најверојатно станува збор за 1941 година, бидејќи со тие збиднувања завршува а ракописот е воедначен и континуиран, што значи дека е пишуван за релативно кратко време како спомен на настаните што поминале.
„Секој од нас требаше да биде член на комитетот и да работи против турскиот режим!
Стружанецот Иљче Јанчев-Евро е роден во 1886 година и, во својот живот, поминал низ разни искушенија, макотрпно борејќи се за опстојување, не само за себе, туку за целата фамилија. Како дете почнал да работи како измеќар во Охрид и Струга, а завршил како вреден рибар и трговец. Во спомените пишува за времето предилинденскиот и илинденскиот период, за комитлакот, за уриетот, за балканските војни, за Првата светска воја, за животот меѓу двете светски војни и за почетокот на Втората светска војна. Според спомените, како седумнаесетгодишно момче станал член на ’Комитетот’ и учествувал во Илинденското востанаие во струшкиот реон, потоа како мобилизиран, турски војник, во Уриетот, и во балканските војни, па како востаник во албанско-македонското востание и на крајот како бугарски војник во Првата светска војна.
Бидејќи спомените завршуваат со случувањата од крајот на 1940 и почетокот на 1941 година, во ракописот нема податоци дали Иљче Јанчев-Евро, како педесет и четигодишен маж, зел некакво учество и во Втората светска војна.
Пишувајќи за времето кога работел како измеќар, а подоцна и како рибар, бавејќи се со рибарска работа, за која самиот вели дека е многу тешка работа, значи уште како момче од околу петнаесеттина години веќе почнал да осознава некои состојби во општеството:
„Во тоа време бевме под турски режим. Не бевме слободни во се. Не можевме слободно да се движиме, да одиме насекаде, бидејќи имаше безобразни Турци кои грабеа по чаршијата, а и луѓе понекогашп отепуваа на пат. Ќе му ги зеле парите, ќе го слечеле гол и ќе го отепале. Турците правеа многу гнасни работи така што навистина не можеше да се трпи. Затоа се оформи комитет за да излезат наши луѓе во планина за да се тепаат со Турците со цел да се исплашат и да може ние да се спасиме од турското ропство. Тогаш секој од нас требаше да биде член на комитетот и да работи против турскиот режим. Јас бев примен за член на таа организација…
Во 1903 година, на 20 јули, на Илинден, беше недела, през ноќта сите селани во селата веќе беа избегани во планина. Побегнаа мажи, жени и деца, а во куќите беа останале само старци кои не можеа да одат. Тие што беа избегани во планина сите беа наоружани со пушки, а тие кои немаа пушки со секири и коси. Сето тоа беше во знак на протест против Европа за да видат големите сили дека народот не може да трпи. И така, кога се раздени, во понеделникот, сабајлето, сите телефонски дрва беа исечени. И по селата немаше немаше никоја, па Турците беа многу уплашени. Веднаш се објави мобилизиацијата, секој што беше способен Турчин да одат во Охрид да им дадат пушки. Потоа тие се пуштија по селата, отепаа неколку старци а грабеа се што имаше останато по куќите… Многу Македонци паднаа. Кун септември, некој селанец ги предаде четите во нашиот крај, Турците нападнаа, закалаа многу жени, деца но и комити, и војводи и доста видни мажи…После востанието пак народот се зафати да си работи со надеж дека ќе дојде нешто поубаво. Се слушаа гласови од Солун дека ќе се јави некој си Жорж со помош и да се ангажира за спроведување на реформите во Македонија. Но тоа беше напразно, мамено. Место Жорж дојде една преправена турска ѕверка, така наречениот Хилми Паша. Тој со неговото доаѓање ги ослободи сите качаци и ги постави за потерџии, односно за падари по селата. Поглавните селани видиоа-невидоа на главите ставија фесови. На народот им се викаше некаде дека се Грци, некаде дека се Срби а некаде дека се Бугари. И со ваков начин на пропаганди дојде до големи несреќи во Македонија. Почнаа да се тепаат наши луѓе меѓу себе секој ден. Имаше убиства меѓу народот а и по планините. Та место добро, дојде уште понеубо“, пишува Евро во своите спомнеи за кои самиот вели дека ги пишува „за да не се заборави“, бележејќи се што запомнал така како што доживеал.
„Српскиот наредник ни фрлаше леб како на кучиња: ’Сутра опет ќе добиете! “
По востанието, по амнестијата, Иљче Јанчев-Евро заминува на печалба во Романија, но, по неколку години, во јуни 1909 година, заедно со една група Македонци тргнува за Цариград:
„Кога се вративме дома, веќе не постоеше Султановиот режим. Све беше попуштено и можеше да се живее подобро, во поголема слобода. Ама се создаде голем раздор меѓу Македонците… Јас бев во Струга кога дојде до мобилизација за турската војска, а со таа мобилизација ме собраа и мене, и јас станав турски војник. Морав да се јавам во Охрид. Таму ме облекоа како турски војник и ме испратија во Битола да ни дадат пушки. Е сега се јави нешто опасно. Да бидеш војник турски и да се биеш против своите браќа. Затоа рековме да бегаме од војската в планина, во комитските чети. Тогашен реонски војвода во Битола беше Милан Матов, стружанец. Тој имаше издадено заповед секој Македонец, кој може да побегне од војската, да се прими во четата, но со си пушки а без пушки да не се примаат. Па за мене тоа дојде многу тешко, пошто неможев да излезам од казармата со си пушка. И така морав да останам во турските редови и да се влечам со нив“.
Потоа, во продолжение на спомените, пишува за Балканските војни и за капитулацијата на Турција, но и за војната што веднаш почнала меѓу сојузниците за поделба на Македонија. По многу перипетии, како турски војник, се нашол во Скопје заедно со ’околу 2000 избегани од турците православни војници, Ерменци, Грци од Мала Азија, а ние Македонците бевме останале со надеж дека доаѓаат сојузнички балксбски восјки’.
„Во неделата сабајлето биеше барабанот низ Скопје, викајќи да се јават сите христијани, бивши турски војници, да се соберат кај Грчката црква за да добијат храна. Сепак, ние, јас, Наумче Курте од Охрид, Сандре Гаго од Струга, и уште некои стружани, решивме да одиме кај владиката Неофит за да го прашаме што да правиме. Но одејќи таму нагазивме на истото место каде што ги бараат војниците и така паднавме во плен… Не ни даваа ниту леб ниту вода. Тоа траеше шест дена. После дојде еден нарденик со пиштол-револвер во раце вперен кон нас. Кршеше леб на четири прачиња и ни ги фрлаше како на куче, велејќи ни : ’Сутра опет ќе добиете!’, и по три дена пак ни дадоа, а на деветтиот ден не испратија од таму и во строј не однесоа на станицата, од станицата за Ниш, и потоа во Белград, и таму, во Белград, останавме три месеци. По три месеци, на 5 јануари приквечер, не однесоа на железничката. Сите 47 души заминавме за Скопје. Сите што имаа презимиња на ’иќ’ ги пуштија да одат на Косово, а нас ни рекоа да одиме за Бугарија, но ние, тука, од Куманово, заедно, со помош на кумановчани, испративме телеграма во Скопје и ги известивме дека ние не сме од Бугарија туку од Македонија, и така бевме разделени. Тие од Бугарија си отидоа во Бугарија, а ние преку Битола заминавме дома’, пишува во своите спомени за враќањето од Белград по заробувањето во Скопје во Втората балканска војна.
Во меѓувреме, кога се вратил во Струга, Евро повторно е вмешан во нова буна, во таканаречената македонско-албанска буна или востание од 1913 година против српската власт во тој дел од Македонија. Со развојот на ситуацијата на теренот бунтовниците биле потиснати кон Албанија каде што Иљче Јанчев-Евро мора да остане цели две години, продолжувајќи да работи по директиви на Комитетот и во соработка со Шабан и Браим Блошми. Бидејќи не можел да се врати во Македонија која е под српска власт, сепак некако успева да е префрли во Бугарија, во Плевен, каде што го затекнува почетокот на Првата светска воја:
„Во Плевен не продготвија и ни дадоа стари алишта и пушки, а исто така и стари, искористени топови. Тргнавме во Софија, поминавме, преспавме во Књажево, утредента преку Радомир, Црна Скала и преку Брегалница стигнавме во Царево село. Утредента стигнавме во Штип. Во градот излезе народот да не пречека, бидејќи ние бевме македонска дивизија, прва бригада, први и втори Македонски полк.“ Потоа ги опишува борбите што ги воделе на територија на Македонија се до демоблизирањето и враќањето во Струга каде што повторно почнува да работи како рибар, отворајќи рабираница која мошне успешно работи. И така се до крајот на 1940 година, односно до почетокот на 1941 година кога доаѓа германската, а потоа италијанска војска во Охрид и во Струга.
„По неколку дена од Албанија пристигнаа многу качаци кои почна да вршат убиства и кражби. Тие станаа господари…“, завршува Иљче Јанчев–Евро, додавајќи дека останал без работа затоа што „еден од арнаутите го зеде езерото“. Соочен со безизлезната ситуација во која се нашол, Евро го прекинува пишувањето на спомените со констатацијата дека „е тешко да биде човек роб кај арнаутите“. Сепак, неговиот живот продолжува уште тринаесет години, што значи дека конечно, за првпат, можел да се порадува и на осум години слобода во сопствената, македонска држава.