Борис САРАФОВ

Дојде вест дека имало борба над с. Цапари, во која имало 10-тина жртви, меѓу кои бил убиен и Лозанчев. Некои почнале и да се предаваат. Поради сето тоа на 1 јули над село Буф, горе во коријата, јас и Груев откако поприкажавме по прашањето за датата на востанието, и двајцата решивме востанието да се крене на 20 јули. За ова решение веднаш му јавивме на Петар Ацев во Битола, за да им јави во Софија и Солун. Лозанчев уште не знаеше за ова решение. Оттаму фативме преку Преспа назад во с. Златари, Ресенско, каде го најдовме здрав и жив Лозанчева. Тој сосем се согласи со решението. Во село Болно (на 9 јули) заедно со Лозанчева напишавме едно кусо известување до сите реонски началства – кусо, шифрирано, подвлечено (имавме една заедничка штапска азбука со бројки), а имено дека е одредено востанието да започне на 20 јули.

Оттука заминавме за Леорека, и потем во Боишта, во месноста такавикана Нина-Орница. На 15 јули почнавме да пишуваме поподробни окружни упатства, всушност заправо ги пишував јас, до реонските начелства, и еден кус повик до народот, што требаше да го огласат реонските началници. Сето тоа беше напишано, требаше да се умножи. Заврна силен дожд. Слеговме во с. Боишта и во куќата на чорбаџијата Илија ги умноживме. Илија ме запраша: „Што работите, господине Сарафов?“ Јас му реков дека ќе слушне наскоро. Упатствата ги испративме со брзи коњи насекаде. Во подробното упатство се укажуваше на начините за водење на борбата, да не се распуштаат луѓето по селата и по своите домови, без наша заповед и др..

Наближи денот. До 19 јули седевме во Боишта. На 20. изутрината бевме горе над Смилево. Решивме Штабот да земе учество при напад во Смилево.

Во Смилево, откако Турците беа одбиени, остана Груев, а пак јас решив со штапската чета и со штапското знаме (направено во Битола на сметка на Комитетот), да отидам во Охридско, бидејќи таму почнале да ги горат селата. Пред тоа со Груев напишавме протестно писмо до конзулите во Битола. Испративме отпечатени обрасци во Битола, да го преведат на француски. Во овој протест ја отфрлувавме од себеси сета одговорност; изјавувавме дека ќе им биде вратено на Турците, што ги палат селата, на ист начин. Напишавме и едно писмо до управата на железницата во Солун. Јас тргнав за Охрид на 28 јули, откако им јавив со писмо на горските реонски началства во Ресенско и Демирхисарско да дојдат со по 200-400 мина, вооружени со пушки, и со по 200 вооружени со секири и дикли, па со една сила од 800 мина да се втурнам во Охридско, и да палам турски села. Одушевувањето во Демирхисарско беше огромно. Арсов не се појави со ниеден човек. Од Демирхисарците дојдоа само 50-60 мина, така што во с. Брежани јас имав сe на сe 150 мина, заедно со охридските чети. Турците узнаа и не нападнаа. Дадовме отпор, и Турците, накај 1000 мина, се повлекоа. Изгубија неколку жртви. Посакаа да го запалат селото. Тоа беше на 30 јули, но не успеаја. Потем на 10 август го запалија.

Бидејќи немаше толку сили колку што барав, и бидејќи беше опасно сите охридски сили да се сосредочуваат на едно место, им дадов упатства како да отстапуваат. Меѓутоа крушевчани ме запрашаа што да прават кога ќе надојде војската. Ги посоветував да не чекаат војската да го преземе градот Крушево од нив. Од Охридско се вратив да видам што станува накај Крушево, се вратив во Демирхисарско. Се слушаше топовски татнеж, изјавуваа дека цело Крушево е изгорено. Го најдов Дечев, што беше прикрепен кон горското реонско началство во Демирхисарско. Дојдоа во с. Велмевци и крушевските реонски началници. Ги искарав што не го напуштиле благовремено Крушево, и не ги зеле со себеси потребните материјали, па заборавиле дури и сол да си понесат.

По неколку дена маткање и од Охридско пак дојдоа растревожувачки вести, и пак појдов за Охридско. На едно место над с. Слатина најдов групирани околу стомина, имаше и други 300-400 мина над селото Турје, на оддалеченост од 2 часа од Слатина. Одредив да дојдат и тие, па со сите сили да ја нападнеме војската што доаѓаше да го гори Брежани. Тие дојдоа, туку не уште истата ноќ, туку утредента, кога веќе над селото Брежани, од кое бевме оддалечени околу 4 часа пат, веќе се креваше чад. Преку Мраморец одевме во Турје, за да ги подуспокоиме малу семејствата, што беа збрани таму од Малесијата, од изгорените села и др.. Комитите се собраа таму, им одржав говор, да не паѓаат во очајание, ами уште да се крепат, бидејќи од пепел на тие колиби, ќе се роди слободата. Беше 10 август, овде-онде беше веќе паднало и слана, стана студено. Имаше мали дечиња… Дење требаше да вардат тишина, децата да не пискаат…

Од Турје отидов во Белица – Кичевско. Таму го повикав војводата Арсо (кого што сега пред 15 дена го убиле Турците во с. Подвис). Му дадов и упатства и нему, да не ги трошат куршумите попусто и др.. Слегнав во селата Пространи, Велмевци (Демирхисарско). Тука дојдоа охридските началници Кецкаров, Чакаров и Лазар Димитров (Л. Димитров беше болен). Зборувавме за тоа како да им се помогне на луѓето во Охридско, бидејќи беше фатил голем глад, оти Турците ги изгореле водениците, па требаше да се праќа храна од Демирхисарско и да се донесува жито за мелење во демирхисарските воденици. Слегов на отпочинок во с. Слоештица.

Тоа село е удобно. Му пратив писмо на Груев да се најдеме. Му ја оцртав со мрачни бои положбата, главно затоа што нашите луѓе не се придржуваат токму како што треба за офанзивно однесување. Дојде Груев со Сугарева. Решивме какви мерки да се преземат против оние што се поколебуваат и се предаваат. Пред тоа во Смилево, на 14 август, Груев н Сугарев биле нападнати од Турците. Јас им пријдов на помош, но беше доцна, тие веќе го напуштиле селото, и тоа беше изгорено, и се сместиле на Нина-орница. Отидов во с. Вирово, им собрав леб и им испратив. Дојдов на Нина-орница. По оваа средба решивме да се продолжи активноста. Отидов во Слоештица, од каде заповедав да им се испраќа храна. Бидејќи Турците знаеја оти јас сум со штабот во Демирхисирско, не се решаваа да удрат веднаш, туку дури на 17 август од Смилево се забра аскер од неколку страни, околу 15-16 илјади мина. Отстапувавме полека, со повремени куси престрелки. Извршивме еден ноќен напад, колку за збрка и смут. Потем Турците се повлекоа, и запреа кај с. Солби, а јас преку Велмевци слегов во Крушевско. И тука веќе беа почнале да се колебаат, мнозина комити ги напуштија четите. Тука пак ги охрабрувавме луѓето, четите пак се потстегнаа. Во с. Цер, што беше изгорено, троа ги пободривме селаните. Потем преку Брезово отидов во с. Бабино, каде на 30 август ненадејно дојде до борба. За малу само ќе ме фатеа жив во селото. Стражата се повлекла и аскерот навлезе. Се извлеков јавајќи на коњ; четата беше веќе извлечена од селото. Во оваа борба немавме жртви, освен 2-3 ранети. Вечерта слеговме во Слоештица, пак заобиколивме нагоре во Големо Илино, Мало Илино (Демирхисарско). Таму беа пристигнале охридските чети, беа голи и гладни, па имаше расправии за храна. На 9 септември, пак се сретнавме со Груев и Лозанчев над селата Слоешчица и Вирово. Тие беа таму со смилевските чети.

Тука, на мој предлог, откако увидовме дека во Бугарија владее мртвило, најдовме за добро некој од нас да замине за Бугарија, да ја живне таму работата, и белки ќе се трогнат луѓето. Другарите предлагаа да одам јас, но јас категорички одбив, и предложив да отиде Груев, но и тој не се кандисуваше, и остана на тоа. Тогаш напишавме писмо до бугарската влада: ја оцртавме положбата, и ја повикавме да се смеша вооружено, уверувајќи ја дека ние во случај на војна можеме да задржиме до 5-6.000 свои вооружени луѓе. Писмото го испративме до секретарот на агентството во Битола Кожухаров, и тој го препратил во Софија. Тогаш пристигна писмо до штабот, до Груев, дека Татарчев одел во Евксиноград, и дека ќе одржел застрашувачки тон и сл.. Јас предлагав да се размисли како да се демобилизира и како да се легализира сета маса народ, искомпромитиран пред властите.

На 17 септември дојде една цела дивизија и не заобиколија со голема сила во с. Боишта. Ние се искачивме на Бигла, и зазедовме борбени позиции. Нашите крила отстапија, а ние се засолнивме во едни честаци во планината – и војската помина крај нас на 20 чекори оддалеченост. Потем пак заминавме во смилевската корија, и тука веќе решивме на 19 септември, како постепено да ги демобилизираме луѓето, и како да го спасиме оружјето. Веќе и не очекувавме резултат од нашето писмо до бугарската влада. Јас бев на мислење дека е подобро да ги распуштиме луѓето по наша команда, одошто тие да не напуштаат и да бегаат. И конзулите не окуражуваа така да сториме. Решивме да ги распуштаме партија по партија, откако го собереме оружјето. Јас се ангажирав да го сторам тоа во долните реони, каде не беа доаѓале Груев и Лозанчев, а имено во Преспа, Костурско, Леринско, Мариово, Прилепско. А пак Груев и Лозанчев да отидат во северните реони, во кои се движев јас. Им кажав дека потоа ќе си заминам за Бугарија. Пративме писмо до владата во Софија, – јас го напишав, дека ние, како што сме мобилизирале, така и ќе демобилизираме. Додадов уште дека ние не сме разбиени, дека градовите се уште цели здрави и дека од градовите треба да се очекува преродба и јакнење на Организацијата. Потоа се разделивме.

Меѓутоа, пријателите наместо постепено, веднаш топтан ги ослободиле луѓето, им предоставиле на луѓето самите слободно да решат кој како знае така да прави. И така во Демирхисарско се предадоа сите пушки. Груев ги прибра смилевските пушки. Наскоро по мене тргна и Арсов, што ги бешеоставил луѓето што таму ги закопувале пушките. Заедно со Арсов поминав преку Ресенско до Златари. Потем свртев во Преспа, до с. Сливница. Никој веќе не доаѓа кај нас; од Брајчино, Љубојно, Герман, луѓето го предале оружјето, водачите си заминале. Едвај најдовме еден човек да ни донесе леб. Немаше што да се спасува. Четите уште се држеа во с. Буф. Таму го повикав Ѓорги поп Христов, и тој ги демобилизира. Бевме предадени од еден цинцар, и дојде до борба во која загина гимназијалецот Константинов (од с.Зарово). Се извлековме благодарејќи на маглата. Потем стасавме во с. Трсје и Нерет. Тука ги собравме леринските чети, од кои требаше да се прибере оружјето. Селаните се уверија дека нема ништо да им биде. Им велев дека конзулите гарантирале оти ќе има некакви реформи (Мирцштегските) и др.. Штотуку ги собравме пушките, ете ти аскер. Страшна положба. Ги кренавме пушките под стража, а селаните ги тргнавме настрана, за да не видат каде ќе ги однесеме пушките. Слава му на господа, аскерот помина без да дојде до нас. Испратив писмо во Коотурско, во кое им напишав еден началник да остане во Костурско, а другите можат да излезат. Потоа во Мариово (кај селото Лачен) Ѓорги поп Христов тргна со пушките накај Трсје да ги скрие. Овде, утрото на 1-5 октомври во една корија не догледа еден Турчин, дрвар и дојде војска. Бевме 15 души – штабната чета. Појдоа по нас. Кога се качивме горе, веќе беше мрак, се извлековме. Бевме многу уморени.

Бевме стигнале дури до Вич. Ноќта поминавме во с. Котуре. Овде најдовме наши луѓе што ги бевме испратиле пред 4-5 дена; избричени, измиени, дотерани одвај ги познавме. Ни кажуваа дека во Лерин се јавиле кај пашата (турски генерал). Не прашува: „Каде бевте бре момчиња?“ Му одговоривме: „Бевме комити“, „Зошто?“ – „Не излажаа комитите“, „Каде ви се пушките?“ – „Ни ги зеде Сарафов“. И ништо не ни сторија. Сe ни дадоа, ни дадоа коњи за целата чета, и ние над село Неволјани (во близина на Лерин) влеговме во шумата. Овде го поминавме денот. Од с. Котуре нарачавме коњи, одовде со коњите во село Сетиње. Бевме околу 20 души, коњица, ја поминавме железничката линија и целото Леринско поле. Наблизу имаше чадор со турска војска но не се јавија. Од Сетине стигнавме на север во Мариовските планини и таму ги најдовме четите со еден од војводите Леко Банички. Тоа беше на падините на Ниџа Планина. На 5 октомври врнеше снег. Дојде Ѓорче со костурски чети и др. околу 150 души на број. Се собравме околу 300 души.

Веќе беше невозможно (доцна) Ѓорче со динамит да стори нешто на мостот кај Екшису. Четите се разоружаа. На Лазар поп Трајков му дадовме напатствија како да ги разоружа четите итн. Тој беше ранет. Ние потоа го продолживме својот пат и со мали премрежија стигнавме до бугарската граница.