Речиси не постои поголем град во Македонија кој нема по некој „споменик“ на криминалната транзиција чии што процеси на приватизација за најнеуспешни се сметаа кај нас и во која на почетокот на 90-тите години без работа оставија илјадници рабтници.

Исклучок не е ниту Гевгелија каде што еден од таквите „споменици“ е некогашниот гигант Земјоделско-индустрискиот комбинат „Винојуг“, чија административна зграда зарастена во трева, како нем сведок на едно време, може да ја забележите ако поминувате по патот од Гевгелија кон Мрзенци.

 

Приказната за „Винојуг“ започнува во 1952 година, кога со решение на Околискиот народен одбор, од малата откупна станица во Гевгелија бил формиран ЗИК „Винојуг“. Две години подоцна на шпалирска конструкција биле подигнати првите лозови насади, а веќе во 1960 година шпалирскиот бил заменет со одрински систем на повеќе од 300 хектари. По само една деценија, во 1970 година, бил постигнат и првиот гроздоберен рекорд кога биле собрани 7.430 тони грозје.

 

Капацитетот на винарската визба во 1975 година, кога била инсталирана линијата за полнење шишиња со вино, мастика и други алкохолни и безалкохолни пијалоци, изнесувал 554 вагони. Веднаш наредната година бил пуштен во употреба тогаш најголемиот разладен простор во Македонија со капацитет од 9.000 тони кој наскоро во осумдесеттите години двојно се проширил и достигнал капацитет од 18.000 тони.

Комбинатот тогаш располагал со 5.000 хектари обработливо земјиште со лозови и овошни насади, ораници и бавчи. Оранжериите на комбинатот за производство на раноградинарски култури се протегале на 42 хектари и во зимскиот период преку цевковод се загревале со геотермална вода од изворот кај Смоквица.

Покрај ова, во состав на комбинатот работеше фабриката за преработка на овошје и зеленчук „Зора“ со капацитет од преку 10.000 тони зеленчук, слатко и надалеку познатите овошни сокови како и Живинарска фарма во чии објекти се одгледуваа 400.000 кокошки за производство на конзумни јајца.

Од сето тоа, денес останаа само сеќавањата на една успешна приказна на македонскиот и поранешнојугословенскиот простор, сеќавањата на овошните сокови кои по својот квалитет беа најбарани од потрошувачите, на „Златната мастика, на вината „Јоска“ и „Тешкото“ на конзервите преработен зеленчук и овошје…

Како што беа убави и слатки тогашните сокови, горчлива и тажна стана судбината на „Винојуг“. Од гевгелискиот земјоделски гигант, кој некогаш вработуваше 2.500 лица и од неговите огромни капацитети во кои годишно се произведуваа различни земјоделски производи вредни 20 милиони евра, денес не остана ништо. Комбинатот буквално беше разграбен, а за продажба од него останаа трошките. Жално,ама вистинито.

Илија Манолов за МИА