Австрискиот амбасадор Георг Вуцас, преку допис до медиумите, упатува жестоки критики до македонското правосудство, барајќи да се разрешат сите судии и јавни обвинители, но и да им се укинат лиценците на извршителите и нотарите кои постапувале во спор што се води меѓу австриската компанија „АММА ДОО Хоенемс“ и валандовската фирма „ДЕНА трејд“ за производство на корнишони, поврзана со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев.
Во случајот, за кој неодамна пишуваше Фокус, австриската компанија не може да си наплати долгот од 4,5 милиони евра во меѓународна арбитража. Станува збор за компанија која се занимава со трговија на големо и дистрибуција на земјоделски производи, која има побарувања во висина од 4,5 милиони евра од „ДЕНА“.
И покрај тоа што арбитражата е призната во Македонија, на македонските судови им беа потребни неколку месеци за да ја потврдат, а тој период „ДЕНА“ го искористила да префрли голем дел од својот имот на друга компанија, „Глобал трејд ДММ ДООЕЛ“. Во дописот, автсрискиот амбасадор наведува дека „Глобал трејд“ е фирма во сопственост на Емилија Заева Костова. Таа е сопруга на сопственикот на „ДЕНА продукт“, но и братучетка на поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев, наведува амбасадорот.
Според дописот од австриската амбасада, сопружниците-сопственици на „ДЕНА продукт“ и „Глобал Трејд“ успеале да избегнат две присилни извршувања врз нивниот имот, преку манипулирање на податоците во Катастарот. Тие дури закажале и јавна аукција на две оранжерии, која треба да се одржи на 10-ти јули во Кавадарци, а доколку биде спроведена, холандската компанија повеќе нема да може да ги наплати своите побарувања.
Во јавниот допис насловен „Повик за владеење на правото“, амбасадорот смета дека потфрлиле и судиите и обвинителите, иако австриските инвеститори пријавувале дека не се почитува арбитражата и наплатата на долгот, како ни судските одлуки за замрзнување на имотот.
Последно на 7-ми јуни, Основниот граѓански суд во Скопје одобрил времена мерка со која го замрзнал недвижниот имот на компанијата до извршување на арбитражната одлука, односно додека не се наплати долгот од 4,5 милиони евра.
Целиот текст може да го прочитате ТУКА.