Францускиот министер за земјоделство Стефан Травер денеска изјави дека француската воена морнарица е подготвена да реагира доколку продолжат судирите меѓу француски и британски рибари кои ловат школки во близината на брегот на Нормандија.
Травер побара претставници на рибарите од двете земји да се сретнат утре и да разговараат за спорот, во рамките на кој досега избија неколку судири меѓу рибарски бродови.
Франција не им дозволува на нејзините државјани да ловат школки во текот на летото и раната есен, додека Велика Британија не ги ограничува нејзините рибари, што води до конфликт меѓу нив. Француските рибари ги обвинуваат Британците дека ги крадат нивните школки и ги напаѓаат британските бродови со камења, гасни бомби, па дури имаше и обиди да се предизвика судир меѓу бродовите.
– За Британците овие води се како шведска маса, можат да ловат колку сакаат и кога сакаат. Ние се обидовме да контактираме со Британците да престанат да ловат, но дојде до судир, изјави Димитри Рогоф од риболовната служба на Нормандија.
И британските рибари побараа заштита од нивните вооружени сили по француските напади врз нив.