Владата треба ги санкционира постапките на владин службеник, доколку навредува друга земја, како случајот со Горјан Тозија, кој во неколку наврати упати навреди кон Хрватска, нарекувајќи ја „усташка“ држава, а хрватската влада „фашистичка“. Впрочем, на такво нешто ја обврзуваат и сите договори склучени со Хрватска, тргнувајќи од 1992 година па наваму.

Во 1992 година потпишана е Спогодба меѓу Република Македонија и Република Хрватска за воспоставување на дипломатски односи меѓу двете држави, која е ратификувана од Собранието на Р.Македонија, а во годините потоа потпишани се и повеќе од 30 други Договори и Спогодби за соработка во повеќе области.

Согласно Уставот на Р. Македонија, ратификуваните меѓународни договори се дел од внатрешниот правен поредок, што значи она што е утврдено во тие договори има правно дејство и треба да го почитуваат сите граѓани на Р. Македонија. Во овој случај станува збор за ратификуваните договори за соработка помеѓу Р.Македонија и Р.Хрватска, во кои меѓудругото двете страни се обврзале за взаемно почитување, пријателство, партнерство и взаемна доверба.

Оттука, оправдани се реакциите на официјалните лица на Р. Хрватска, околу изјавите на директорот на Агенцијата за филм на Македонија, Горјан Тозија, со оглед дека станува збор за државна институција во Р.Македонија.

Во духот на долгогодишното пријателство помеѓу двете земји, нешто на што како држава сме се обврзале при склучување на договорите за соработка со Р. Хрватска, Владата во најмала рака треба да упати извинување и оградување од изјавите на директорот. Не постапување и игнорирање на овој случај, може да биде лоша порака до земјата пријател, со која и формално сме се обврзале на взаемно почитување, но и земја која важи за наш голем поддржувач на нашиот пат кон Европската Унија.

На државните службеници не им е дозволено да се мешаат во внатрешните работи на другите држави.

Според Уставот, граѓаните на Р.Македонија имаат слобода на сопствено уверување, совест, мисла и јавно изразување на мислата. Но, од друга страна граѓаните кои се дел од државните институции, во случајов Агенција за филм, која одговара за своето работење директно пред Владата, со директор кој директно се именува од Владата, секако дека постои обврската за почитување на етички стандарди и правила на однесување не само на работното место, туку и во својот приватен живот и јавноста. Секако, како приватно лице, слободен граѓанин, директорот, како граѓанинот Г.Тозија, има право на свое мислење и јавно изразување на истото, но постои и одговорност која ја носи неговата функција, а која произлегува директно од Владата.

Токму затоа, на потег е Владата односно нејзин претставник кој по редот на нештата треба да биде Министерството за надворешни работи. Секој има право на свој личен став, но треба да се внимава тоа да не предизвикува загрозување на угледот на државата и предизвикување непријатни дипломатски недоразбирања.

Владата има обврска да го заштитит угледот на Р. Македонија и да излезе со извинување и оградување од ставовите на својот функционер. Само на овој начин ќе покажеме кредибилитет и ќе ја оправдаме својата заложба за идна Европска земја членка.