Стручниот совет при КФСМ ќе остане со еден член помалку, ние би рекле – најважниот. Марин Докузовски, најуспешниот македонски кошаркарски селектор повеќе нема да биде дел од ова советодавно тело, објави денеска порталот „Спортмедиа“.

Причината поради која Докузовски одлучи да дигне раце, е нефункционирањето на Стручниот совет, истиот се чини е создаден само колку да фигурира. Иако според статутот ова тело треба да биде првиот филтер при избор за селектори во националните тимови, до сега ниту еднаш не се испочитувала оваа процедура.

Вчера КФСМ го назначи Драган Бајиќ за нов селектор на македонската репрезентација, а Стручниот совет бил прескокнат.

„Не би сакал да бидам сфатен погрешно, немам ништо против новиот селектор, напротив му посакувам среќа“, се првите зборови на Докузвоски за СПОРТМЕДИА.

„Мојата одлука се темели на нешто друго, а тоа се вика почитување и професионалност. Во Стручниот совет прифатив да бидам за доброто на кошарката, но имам чувство дека истиот е создаден само колку да фигурира на хартија. Никој од нас до ден-денеска не побарал било какво мислење.

Една од нашите задачи е да бидеме прв филтер кога има промени на селекторските места. Точно е дека тоа може и да го стори и директорот на репрезентациите, но мислам дека редот е пресконат. Затоа не сакам моето име да стои само фигуративно, нема потреба од тоа“, ни изјави Докузовски.

И не е првпат Перо Антиќ и неговите соработници да го прекоскнат стручниот совет. Истото се случи кога беше назначен Александар Тодоров. Ниту тогаш не беше испочитувано ова тело.