Капацитетот на граничниот премин Прешево кон Македонија, еден од најпрометните гранични премини во Србија, наскоро би можел значително да се прошири, што ќе ги намали  и метежот и времето на чекање. Тоа е предвидено во Просторниот план на Зоната за посебна намена на граничниот премин Прешево,  даден на јавен увид.

Проширувањето вклучува реконструкција и изградба на патнички-царински и стоковно-царински терминал, како и сообраќајни решенија што ќе го зголемат пропусниот капацитет на преминот. Клучната новина е зголемувањето на бројот на сообраќајни ленти – од постојните капацитети на дури 23 ленти.

Планот опфаќа површина од речиси 17 хектари, а според Агенцијата за просторно планирање и урбанизам, јавниот увид ќе трае до 30 јули. Во документот се планира проширување на граничниот премин, што, како што е наведено, е објективна потреба, особено во критични периоди како што се одморите и празниците.

Посебно внимание ќе се посвети на товарниот сообраќај: гледано од правецот на Северна Македонија кон Србија, ќе се отворат четири ленти од десно исклучиво за товарни возила, кои ќе бидат физички одвоени од остатокот од сообраќајот.

Планот предвидува поставување на таканаречените „мобилни огради“ – решенија што овозможуваат флексибилно разграничување на насоките и привремено зголемување на капацитетот во согласност со моменталното оптоварување.

Покрај сообраќајните интервенции, се планира и преместување на неколку објекти: главната зграда, објектот за преглед на патнички возила, тоалетите, поштата и телекомуникацискиот објект, што би го реорганизирало просторот и би го направило пофункционален за корисниците и вработените.