Претседателот на Србија, Александар Вучиќ најави дека утре, во шест часот ќе го отвори за комерцијален сообраќај гасоводот „Балкански поток“, јави дописникот на МИА од Белград.
-Имам неколку важни вести за луѓето. Утре, во 6 часот наутро, ќе го отвориме нашиот гасовод за комерцијален сообраќај за Србија, цената на гасот за нашата земја ќе биде 155 долари максимум, плус од 12 до 14 долари за транспорт. Многу пониска цена, многу поволна, а во исто време преку такси ќе добиеме она што ќе се искористи за отплата на кредитите, изјави Вучиќ на ТВ Пинк.
Тој побара од граѓаните на Србија да започнат да го користат гасот, бидејќи на тој начин се добива почист воздух, како и поевтино гориво за граѓаните.
– Им реков на Американците дека Србија е заинтересирана за одличен квалитет и цена на гасот и дека не можат да ни нудат по 600 американски долари, изјави Вучиќ.
Тој посочи дека не е изградена примарната мрежа на гасоводот до Врање, Владичин Хан и Сурдулица и дека „има заинтересиран инвеститор за Врање“.
Вучиќ кажа дека мора да се изгради секундарна гасоводна мрежа во сите осум општини во источна Србија.