Неколку стотици граѓани синоќа се собраа пред основното училиште „Владислав Рибникар“ во Врачар каде беа убиени осум ученици и еден чувар. А на Цветниот плоштад, кој се наоѓа во близина на тоа училиште, се собраа неколку илјади луѓе. Потоа повеќе илјади лица спонтано дојдоа во Министерството за образование каде бараа оставка од министерот за образование Бранко Ружиќ, јави дописникот на МИА од Белград.
На Врачар граѓаните им оддадоа почит на жртвите, положија цвеќе, запалија свеќи и оставија играчки, а она што беше забележително беше – тишината.
Вакви собири за убиените деца беа одржани и во Нови Сад, Ниш, Крагуевац и други градови во Србија.
Министерот за образование Бранко Ружиќ вчеравечер изјави дека никој не очекува инциденти како нападот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, но дека министерството и државата во иднина секојдневно ќе преземаат мерки за спречување на вакви настани.
-Ова е еден случај кој потсетува на имитација на оние случаи што се случуваат во некои западни општества, но и во Крим, Русија, Азија, Австралија … Тие ја применуваат таканаречената мантра „copycat“, изјави Ружиќ. РТС.
Министерот повтори дека немало пропусти во системот и додаде дека здравството и внатрешните работи и образовниот систем реагирале навремено.
-Тоа е она што е парадоксално. Ова е единствен случај, има многу случаи во кои има празнини во системот кога зборуваме за класично врсничко насилство, дигитално насилство, вербално насилство и други, рече тој.
Тој оцени дека длабинската анализа ќе даде одговори на сите овие прашања, но дека тоа нема да биде воопшто лесно.