Во координирана акција на српското Министерство за внатрешни работи и на Безбедоносно информативната агенцција (БИА) во Белград утрово е уапсена група од 17 лица, јави дописникот на МИА од Белград.

Извршен е претрес на 50 локации и уапсени се 17 членови на криминалната група „Врачарци“ кои соработувале со кавачкиот клан, соопштија белградските медиуми.

Според информациите на медиумите, тие се уапсени за убиства, обид за убиства, киднапирање, а работеле како дел од група на кавачкиот клан. Се уште се трага по одредени лица.

Уапсените лица се товарат за три убиства и пет тешки убиства во обид. Постапувале по наредба на кавачкиот клан, а дел од членовите на „Врачарци“ претходниот период биле уапсени во странство.

Групата Врачарци ја предводат Никола Вушовиќ, попознат како Џони од Врачар, Урош Пиперски и Марио Ѓорѓевиќ.

Пребарани се над 50 локации и одземени се повеќе парчиња оружје, шифрирани телефони и друго.

Акцијата за апсење ја води министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ.

Според белградските медиуми, станува збор за заедничка акција на МВР, БИА и Обвинителството за организиран криминал и се чекаат повеќе информации.