Изградбата на делницата од гасоводот „Турскиот поток” низ Србија, долга 403 километри, е започната, а сите работи треба да се завршат до 18 декември, објави белградскиот весник „Вечерње новости“.
Веќе се издадени дозволи за подготвителни работи за делниците 1, 2 и 3, а овие три дела на гасоводниот систем долги се 300 километри.
Првата делница се протега од бугарската граница до Ќуприја, втората од Ќуприја до Дунав и третата од Дунав до Зрењанин.Четвртата делница ќе оди од Госпоѓинци (село меѓу Нови Сад и Зрењанин) до Суботица.
Според Вечерње новости, издадена е градежна дозвола за делниците 2 и 3, а овие денови дозвола ќе добие и делницата 1.
Експропријацијата за овие делници е издадена и во тек е отстранување на бесправно подигнатите објекти на таа траса.
Компанијата „Гастранс”, во која „Србија гас” има удел од 49 отсто, а „Гаспром” 51 отсто од сопственоста, минатата година има поднесено барање до српската Агенција за енергетика за изградба на гасовод како дел од изградбата на внатрешните капацитети во Србија.