Во изградбата и одржувањето на патиштата ќе се применуваат нови стандарди и научни сознанија според практики во најразвиените европски држави, изјави денеска директорт на ЈПДП Зоран Китанов.

– Со првиот меѓународен проект во државава за примена на полимер модифициран битумен  кај патиштата со тешко сообраќајно оптоварување и автопатиштата се направени првите мерења при реконструкцијата на левиот коловоз на автопатската делница Неготино – Демир Капија во должина од два километра и како што изјави Китанов ефектите се покажале максимално позитивни.

Минатогодишните мерења покажале дека патиштата се многу оштетени, а до крај на годинава се очекува да бидат  рехабилитирани и реконструирани 600 километри патишта. Примената на новите научни сознанија ќе овозможи заштеда.

– Убаво е да се градат нови патишта, но не треба да  забораваме дека треба да се одржуваат и обновуваат веќе изградените. Ова се едни од материјалите кои ни овозможуават преку науката и соработката  со Градежниот факултет да се одлучува на кои траси да се работи и кои се најоптоварени. Во државата веќе се поставуават и над 100 мерачи за проток на сообраќај и согласно сите тие параметри  ќе се одлучува на кои делници  кој вид на полимери ќе се стават за да не се рехабилитираат на секои осум – десет години, туку на 20 години. Векот ќе им биде подолг и би заштедиле. Иако првично можеби ќе биде 15 проценти повеќе, но ако еден пат го рехабилитирате на десет наместо на 20 години тогаш заштедата е многу голема, изјави Китанов, по отворањето на меѓународната конференција за патишта во Скопје.

Проектот заеднички го реализираа професори од Градежниот факултет при УКИМ и  Факултетот за транспортни науки од Чешкиот технички универзитет, компанијата ДАВИ, ЈП за државни патишта и Друштвото за патишта.

– Со примената на новите сознанија и нови материјали  квалитетот и животниот век на експлоатација на коловозната конструкција како најзначаен сегмент на патишатата ќе придонесе да траат подолго, што значи ќе имаме одложена приемна на финансиските средства од втора генерација, рече професор Горан Мијоски, професор на Градежниот факултет во Скопје и учесник во проектот.

Тој посочи дека коловозните конструкции се проектираат и  одржуваат според тековните стандарди и оти е во тек транспонирање на еврпските стандарди.

– Овој проект ќе придонесе не само за пренесување на искуствата од развиените европски земји туку  и да се добие соодветен третман и кај нас во специфични климатски услови затоа што климатскиот фактор во една држава е пресуден за квалитетот  и трајноста на коловозните конструкции покрај сообраќајното оптоварување, рече Мијовски.

Патиштата се проектираат за период од 20 години по кои  треба да следи реконструкција,  а рехабилитацијата може да биде и порано изведена доколку некој од пропишаните параметри за коловозните конструкции не ги задоволуга стандардите.

Според Мијовски, со најновиот Референтен систем за управување на патишта, што го применува ЈПДП, е напуштен претходниот „интуитивен“ пристап  во управување и  одржување на патиштата и тие активности ќе се вршат врз основа на реални параметри. ЈПДП со возила за специјална намена  втора  година врши мерења и врз основа на тие параметри се градат показателите кои делници се за реконструкција, за рехабилитација, кои се целосно дотраени.

Министерот за транспорт и врски  Горан Сугарески порача дека како држава чиј врвен приоритет е ЕУ имаме обврска да изградиме и функционални и безбедни патишата според највисоките европски стандарди.

– Мораме да ги следиме современите трендови и научни достигнувања во областа на градежништвото. Како што велат инженерите, асфалтот е најквалитетниот слој на патот, но економски гледано тоа е и најскапиот дел. Затоа примената на квалитетни употребни материјали е многу значајна за долгорочноста и издржливоста на патиштата, рече на отворањето на конференцијата Сугарески.

Досега во државава се вршеше само директно транспонирање на европските прописи што се однесуваат на изградбата на патиштата, а со научно-истражувачкиот проект  тоа првпат ќе се направи врз основа на научен експеримент. Со тоа се дефинираат нашите специфики за носење на националните анекси.