Сред Велигденски пости денеска Здружението на одгледувачи на домашната автохтона раса овци „Праменка овчеполка“ во соработка со земјоделската задруга „Еко Овчеполка“ денеска во Градскиот трговски центар во Скопје организира дегустација на јагнешко месо од автохтоната раса овци „Праменка Овчеполка“.
Целта на дегустацијата е пазарно истражување кое треба да ја покаже оценката на потрошувачите за вкусот и квалитетот на месото.
Како што велат од Здружението „Праменка овчеполка“, придобивките ќе бидат зачувување на агроеколошките карактеристики, одржување на природната средина, органско производство, традиционално одгледување и заштитени ознаки на јагнешкото месо, традиционалното овчо сирење и традиционалниот овчи кашкавал, зголемен приход на одглеудвачите на „Праменка Овчеполка“ преку однапред определени целни пазари, зголемен интерес за одгледување на расата, стандардизиран и безбеден производ, подобрување на имиџот на традиционалното производство на јагнешко месо и промоција на македонски бренд „македонско јагнешко од ‘Праменка Овчеполка’“ како предуслов за развој на фармскиот туризам и на македонските села.
По повод дегустацијата и реализацијата на истражувањето, најавени се обраќања на државниот советник во Министерството за земјоделство Трајан Димковски, на претседателот на Здружението „Праменка овчеполка“ Моме Младеновски, на Никола Георгиев од Сојузот на одгледувачи на овци „Модерен овчар“, на Сузана Димитриевска од Македонската асоцијација на земјоделски задруги, на Драган Перич од CARE – Германија и на Златко Самарџиев од Глобалниот еколошки фонд.
Како што е познато христијаните во овој период се во најголемиот Велигденски пост, по повод најголемиот христијански празник Велигден, кој католиците го слават в недела, а другата недела и православните христијани во Македонија и во светот.