Мицкоски и Села денеска на средба во Собранието се договориле за меѓусебна поддршка на 31 октомври таму каде што имаат нивни кандидати, потврдија од двете партии. Од Алијанса за Албанците додаваат и дека коалицијата со Алтернатива им е стабилна и заедно работат да создадат ново парламентрано мнозинство. За нив актуелната влада нема легитимитет да ја води државата.

За средбата, од Алијанса за Албанците посочуваат дека се воделе разговори за текот на изборниот процес и за понатамошните чекори и дека е потврдена меѓусебната поддршка за вториот изборен круг во општините во кои имало договор за соработка во првиот круг.

„Ве известуваме дека коалицијата меѓу Алијанса за Албанците и Алтернативата е стабилна и работиме заедно за да создадеме ново парламентарно мнозинство во многу краток период. И покрај манипулациите, притисоците, купувањето гласови и злоупотребите, граѓаните докажаа дека се против Владата, и сегашната власт веќе нема легитимитет да ја води земјата, ниту на локално ниту на централно ниво“, се наведува во соопштението на Алијанса.