Лидерите на четирите најголеми партии во Македонија, денеска, во Клубот на пратениците, по речиси шест часа дебата постигнаа договор за дел од прашањата што им беа на маса. Конкретно, според лидерот на СДСМ, Зоран Заев, договорени се сите детали околу техниката влада пред секои избори, според „пржинскиот модел“. За останатите отворени прашања, пак, особено за датумот и прашањето на референдумот ќе се расправа попладнево. Согласно тоа, се договоривме денеска да заврши и лидерската средба, да нема нејзино одолжување.
– Си подадовме рака и покажавме разбирање за многу прашања. Уште пред потпишувањето на Договорот со Грција прифативме услови за избор на ДИК. Уште пред лидерските средби работните групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ го усогласија текстот на новиот Предлог-закон за финансирање на политичките партии со вклучени предлози на опозицијата. Денес го прифативме и барањето на ВМРО-ДПМНЕ да се направат законски измени што ќе овозможат техничка влада да ги спроведува секои парламентарни избори со формат идентичен на пржинскиот, изјави Заев.
Според него, денеска завршија една фаза од разговорите, за кои тие веднаш ги споделуваат резултатите со јавноста.
– Се враќаме на прашањето за референдумот. Ќе разговараме за референдумското прашање, за карактерот на референдумот и за датумот за одржување на референдумот, рече Заев од Клубот на пратеници.
Од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека Заев ги прифатил барањата за „пржинска Влада“ пред избори, за Законот за финансирање на политички партии и за ДИК. Денеска од собраниска процедура треба да бидат повлечени измените на Изборниот законик во делот за ДИК и ќе бидат поднесени нови. Според денешниот договор, останува решението изборот на членовите на ДИК да биде со двотретинско мнозинство во Парламентот.
Вицепремиерката Радмила Шекеринска потврди дека е постигнат договор и информира дека кандидати на СДСМ за членови на ДИК се Борис Кондарко, Јанакие Витаноски и Радица Ристеска.