Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција со Зоран Заев, соопшти дека Алијансата обезбедила 60 респиратори и друга опрема во вредност од 1,4 милони евра како помош за јавното здравство на Македонија и најави друга итна опрема за поддршка на земјава.
–-Денес можам да објавам дека Северна Македонија ќе добие пакет помош, за справување со пандемијата на Ковид-19, од новите залихи ќе се издвојат 60 респиратори и друга итно потребна опрема, ова е солидарноста на НАТО на дело. НАТО е тука да им помогне на сојузниците и тимот на НАТО нема да дозволи здравствената криза да се претвори во безбедносна криза, рече Столтенберг.
Заев пак го увери Столтенберг дека Северна ќе продолжи да придонесува за глобалната и регионалната безбедност преку учество во мисиите и зголемување на одбранбениот буџет, постепено, за да ги постигне два отсто од БДП во следните три години, како и да се зголеми капацитетот на армијата, нејзините професионални стандарди и интероперабилноста со сојузниците на НАТО.
-Нашето членство во НАТО е добро за безбедноста на регионот, Балканот не е изолиран остров, нагласи Заев, и додаде дека Северна ќе биде промотер на регионалната соработка, економската и одбранбената, регионот, рече тој, може да има само полза од нашите евроинтеграции.
Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, му се заблагодари Заев, за учеството во мисиите на НАТО како и за заложбата до 2024 Северна да одвои два отсто од својот буџет за одбраната, како што бара Алијансата од сите свои членки.
Шефот на Алијансата увери дека таа ќе продолжи да ги мобилизира своите воени капацитети за поддршка кон цивилните напори во борбата против вирусот, како што го правеше тоа и до сега, со обезбедување полски болници, транспорт на опрема и на пациенти кога тоа е потребно.
Осврнувајќи се на извештајот на Европската Комисија објавен пред да два дена за реформскиот напредок на Северна, Зоран Заев истакна дека Владата со нетрпение очекува Советот на ЕУ да ја усвои преговарачката рамка и првата Меѓувладина конференција помеѓу ЕУ и Северна Македонија да се одржи до крајот на оваа година, под германско претседателство на ЕУ.
-Навистина сме подготвени да се нурнеме во работата за преговорите за членство, порача премиерот Заев.