Претседателот на државата Стево Пендаровски не заговара ревизија на судскиот процес, туку граѓанско помирување, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не бара амнестија или помилување, туку правда за осудените во случајот „27 Април“, е исходот од вчерашната средба во вилата „Водно“.
Премиерот Зоран Заев го поздрави дијалогот на Пендаровски со Мицкоски, но, вели, не очекува ништо од таа по однос на прашањето за настаните од 27 април во Собранието, додека пак лидерот на ДУИ Али Ахмети смета дека квалификацијата „тероризам“ е претешка за учесниците во настаните од 27 април во Собранието.
Пендаровски е задоволен што се одмрзанати односите со ВМРО-ДПМНЕ, кои не комуницираа со претседателот откако по изборите тој му го додели мандатот на Зоран Заев и се надева дека оваа средба со Мицкоски нема да значи замрзнување на односите со премиерот Заев со кого, како што рече во одговор на новинарско прашање, за утре има договорено куса средба за да разменат мислења за тековни теми.
Претседателот Пендаровски, по средбата иницирана од страна на Мицкоски, го потврди неговиот став дека ако има нови докази, кои порано не биле познати може да се преотвори процесот, но, потенцира дека со тоа не заговара преотворање на процесот, туку ја цитира одредбата од Законот и законската можност, според која тие луѓе преку своите адвокати, по вонреден правен лек, можат да побараат од Врховниот суд да ги оцени новите докази, ако такви воопшто постојат.
– И одлуката дали процесот ќе биде повторен сигурно нема да ја носи некој политички фактор, туку судот, изјави претседателот Пендаровски за случајот „27 април.
Со таа негова теза, потенцираше шефот на државата, не прави ревизија на судската пресуда, бидејќи не гледа причина за тоа зашто е, како што рече, завршена работа и луѓето се во затвор, ниту смета дека пресудата е донесена без докази.
-Само зборувам за обидите за политичко толкување на пресудите, што не придонесува за воспоставување нормална политичка дебата во која нема да се гледаме како смртни непријатели, рече Пендаровски.
На средбата го повторил ставот дека помилување за лица кои направиле кривично дело без преседан во современа Европа не доаѓа предвид, затоа што нивната вина во тој процес била неспорно утврдена.
Според Пендаровски, упадот во Собрание било терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а не кривично дело тероризам. Не може и не сака, рече, да оди надвор од судската формулација, но она што него го интересира е граѓанското помирување и неговата улога е да помогне „луѓето да не се гледаат преку нишан“. Затоа што, рече, не постои период од 1990 година до денес во кој сме биле повеќе поделени по сите линии, а за тоа сведочи и што главна вест денеска во државата била средбата меѓу него и опозицискиот лидер.
– Факт е дека тие лица не беа судени за кривично дело тероризам, туку под друг член за терористичко загрозување на уставниот поредок. Дејствијата со кои може да се изврши тоа кривично дело се слични, запретената казна идентично најмалку десет години. За 27 април, паметите, постои пресуда за група луѓе кои беа дел од истата толпа која влезе во Собранието и го претепа Зијадин Села. Ако се следи правната квалификација на таа пресуда, а не политички интерпретации на пресудите, тие луѓе беа судени, со право добија високи казни, но не беа судени за кривично дело тероризам, туку за убиство во обид. Или, на пример, случајот со напаѓачот на пратеничката тогаш Радмила Шекеринска. Тие сцени кои не шокираа нас и светот, кој беше исто така дел од луѓето кои влегоа во Парламентот, и кој не беше суден за тероризам, туку за кривично дело насилство. Значи, накусо, да се разбереме, сите овие споменати направија страшни кривични дела. Оставија тешки последици и трауми и кај нападнатите и кај нивните семејства. Добија заслужени казни, казни според она што го знаеме од претходните процедури кои завршија и тука нема компромис. Меѓутоа политичката реторика, во која и тогаш и денес тие пресуди беа врамувани, објаснувани, интерпетирани, според мене дополнтелно го продлабочува јазот меѓу граѓаните. Според едната група, според едното образложение, тие се терористи од рангот Ал Каеда, ИСИС, а според другата се уставобранители иако се судени за загрозување на уставниот поредок, рече Пендаровски.
Неговата теза е, рече, дека ако продолжиме со вака крајно спротивставена политичка реторика, „ние не само што нема да дојдеме до национално или граѓасконо помирување, туку нема да можеме да воспоставиме базична политичка комуникација меѓу нас како што за жал е сега ситуацијата“.
На новинарско прашање одговори дека не знаел дека е донесена пресуда во втор степен од Апелациски суд во февруари и дека решението се уште не е доставено до странките, и за тоа слушнал на средбата со Мицкоски.
– Не знам дали е тоа точно, но мислам дека ако е одлучено во февруари, колку и да е обемна пресудата, мислам дека имало доволно временски период да им биде доставена пресудата зашто тоа е формално правна претпоставка да ја добиете пресудата за да евентуално имате нови докази, барате преотворање на процесот. Верувале или не, од 60-ина минути разговор со господинот Мицкоски, одвај 4-5 минути разговаравме за случајот „27 април“. Разговаравме за други побитни процеси и тенденции. „27 април“ беше само повод ВМРО-ДПМНЕ да ги одмрзне односите со мене, рече вчера Пендаровски.
Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Мицкоски кој изјави дека нашле на разбирање со Пендаровски, појасни дека обвинение за терористичко загрозување на уставниот поредок поради непостапување е драконско и обвинетите треба да ја добијат пресудата од втор степен за да имаат право на вонреден правен лек и врз основа на новите докази што бранителите ги поседуваат, подвлече, да бараат правда од трет степен како што е Врховниот суд или пред Европскиот суд за човекови права.
– Она кое што е реалност, поврзана со тој случај е дека основното човеково и уставно загарантирано право на жалба и второстепена судска одлука на лицата коишто се осудени поради настаните од 27 април, во моментот е завршена, и за жал најголемиот дел од нив се уште ја немаат таа одлука добиено, за да можат понатаму да ја искористат вонредната, вонреден правен лек, односно да можат понатаму врз основа на новите докази, коишто според моите информации, ги имаат адвокатските тимови на овие лица да ги достават до Врховниот суд или пак до Европскиот суд за човекови права, рече по вчерашната средба со шефот на државата лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.
Мицкоски потенцира дека очекува политичарите да ги држат настрана рацете од обвиненијата и од судските одлуки, да се ослободи обивнителството и судството од каков било политички притисок, а секој граѓанин да има право на своја одбрана, на жалба, на вонреден правен лек во фер услови. Очекува ова да го потврди и Пендаровски и останатите политичари, пред се врвот на власта.
– Мора да има безусловна правда, ниту сум ги двоел, ниту ќе ги двојам луѓето по името, по нацијата или по верата, ние сме сите граѓани на Македонија и делиме иста судбина. Најсреќен би бил Заев да не влијае на судството, тоа е мојата молба, рече меѓу другото Мицкоски.
Премиерот Зоран Заев го поздрави дијалогот на Пендаровски со Мицкоски, но, вели, не очекува ништо средбата по однос на прашањето за настаните од 27 април во Собранието.
– По основ на прашањето за 27 април не очекувам ништо, ниту може претседателот на државата да аболицира или амнестира настани кои се поврзани со терористичко загрозување на уставниот поредок, ниту пак е дозволена таква работа да се направи. Но, од разговор нема зијан. Нека направат муабет, дај Боже да има повеќе консензус во државата и во делокругот на надлежностите на претседателот, како и делокругот на надлежности на опозицијата, пред се, доминантен фокус во Парламентот, изјави Заев вчера одговарајќи на новинарско прашање.
Во однос на можноста за повторување на случајот со осудените за настаните од 27 април, за тоа доколку има нови и релевантни докази одлучува надлежниот суд, Заев наведе дека како и за сите случаи во државата, така и за тој доколку има нови докази што порано ги немале, а силно влијаат на можноста и поинаку да се одлучи, во таков случај, напомена, како и за други случаи може да се отвори постапката.
– За тоа одлучува веројатно кривичен совет или Совет на кривични судии во надлежниот суд, ги разгледуваат ваквите докази и одлучува дали прифаќаат повторување или одбиваат барање за повторување, рече премиерот Заев.
Според лидерот на ДУИ Али Ахмети квалификацијата „тероризам“ е претешка за учесниците во настаните од 27 април во Собранието.
-Овие настани се болни. Применето е насилство врз народните избраници, применета е бруталност, но не и тероризам. Се знае што значи тероризам и каква квалификација е „тероризам“. Така што, мислам дека органите на правдата треба да ја разоткријат целата ситуација, бидејќи станува збор за комплицирана ситуација, изјави Ахмети.
За да се нарече „тероризам“, оцени Ахмети, требаше да биде поинаков начин на дејствување и додаде дека толпата што влезе во Собрание била еуфорична и бесна.