Германската канцеларка Ангела Меркел се сретна денес со унгарскиот премиер Виктор Орбан, како дел од прославата на 30-годишнината од „Паневропскиот пикник“, пренесува „Дојче Веле“.
Симболичниот настан пред 30 години беше во знак на поддршка за обединета Европа што доведе до првиот егзодус од зад Железната завеса.
Пикникот беше најголемиот масовен егзодус од ГДР од изградбата на ѕидот во 1961 година. Пикникот се претвори во светски настан и ги одразува вредностите на„ солидарноста, слободата и хуманата Европа, рече Меркел, заблагодарувајќи и се на Унгарија за нејзината улога во отворањето на границите.
Меркел и нејзиниот унгарски колега присуствуваа на службата во протестантската црква во Шопрон, град во близина на границата на Унгарија со Австрија, каде стотици источни Германци го искористија пикникот и избегаа на Запад.Шопрон е пример за тоа колку можеме ние Европејците да постигнеме, ако храбро се залагаме за нашите неделиви вредности, додаде германската канцеларка.
Она што започна како политички, симболичен собир покрај границата, заврши со неколку стотици источни Германци бегајќи од Унгарија кон Запад.
Анти-имиграциската политика на Виктор Орбан го направи одбележувањето на настанот уште позначајно, особено затоа што неговата колешка спроведуваше многу различна стратегија, пишува „Дојче веле“.
Оваа средба ја искоментира потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски:
„Средба на двата најмоќни лидери во Европа Ангела Меркел и Виктор Орбан… Политиките на Меркел и Орбан за силен економски развој, јасни демохристијански вредности, ред и владеење на правото, борба против корупција, одговор на предизвиците од нелегалната миграција, заедничка одбрамбена политика под закрила на НАТО и попросперитетни економија, образование, здравство, социјална грижа под закрила на ЕУ се иднината на ВМРО ДПМНЕ и на Македонија. Иднина за која оваа Влада на Заев нема ни концепт ни визија ни луѓе да ја препознае, иднина за која ВМРО ДПМНЕ со своите партнери ЦДУ и ФИДЕЗ како и останатите членки на Европската народна партија силно ќе работи после победата на следите предвремени парламентарни избори“, истакна Николоски на ФБ.