Уште една неуспешна средба Заев-Ахмети во обидот да се договори ново парламентарно мнозинство и владина коалиција, јавуваат повеќе медиуми. Лидерот на ДУИ вели дека се уште се на почеток, а лидерот на СДСМ се согласува дека ги чека уште многу работа. Обајцата не откриваат детали и не потврдуваат дали главна пречка за постигнување договор е премиерската функција.
–Немам коментар за да не влијаам негативно на преговарачкиот процес. Да оставиме на крајот ќе си има комплетен договор со сите детали. Се видовме и со Алијансата и со Алтернатива минатата недела, а логично е да продолжиме со партијата што има најмногу мандати од албанскиот блок. Сега разговараме со ДУИ. До тука сме дојдени, ее денеска соопштуваме. Би сакал наредните денови да ја постигнеме преговарачката рамка, но секако тоа зависи и од другата страна, изјави Заев по средбата.
-Јас не сакам да ги оптоварувам преговорите и последниот збор да го кажам прв. Ние инвестираме прашањата да одат во добра насока, во прилог на државата. Но, само што почнавме. Колку сме блиску толку сме и далеку, порача Ахмети.