Со средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев денеска ќе ги продолжи разговорите со коалициските партнери за изнаоѓање заеднички консензуален кандидат за престојните претседателски избори.
– Денеска продолжуваме со средбите со политичките партии на нашите коалициски партнери од албанскиот блок. Прво ќе има средба со ДУИ, а потоа продолжуваме со БЕСА на Африм Гаши, како и со Мендух Тачи. Ќе направам напори и сакам да се видам и со Зијадин Села од Алијанса на Албанците и БЕСА на Билал Касами за да можеме да поразговараме и да видиме дали можеме сите да застанеме зад заеднички кандидат кој е прифатлив за сите граѓани од секаква политичка, етничка и социјална припадност. Верувам дека тоа е изводливо. Ако го направиме тоа, уште еднаш го потврдуваме „едно општество за сите“ и праќаме сериозна порака за охрабрување кон граѓаните за нашата одговорност да се надминеме себеси и да застанеме зад личност за која однапред веруваме дека ќе биде одличен претседател на Република Северна Македонија, изјави Заев во одговор на прашање на промоцијата на Научно-технолошкиот парк во Скопје.
Нагласи дека бараат заедничко решение прифатливо за сите граѓани и додаде дека на вчерашната средба со коалициските партнери од коалицијата предводена од СДСМ, лидерите на партиите начелно потврдиле дека се за заеднички претседателски кандидат.
-Тоа е платформата на која разговараме, да ги слушнеме граѓаните, да видиме дали постои таква личност зад која можеме сите да се обединиме и како политички субјекти да ја поддржиме. Процесот почна вчера. Задоволен сум од коалициските партнери од Коалицијата „За живот“ што се финализира со локалните избори во 2017 година. Со нив разговаравме и генерално, начелно посоти заклучок дека треба да направиме се да поддржиме заеднички кандидат. Секако тоа треба да го потврдат и партиските органи и тела, но лидерите го потврдија како желба, прецизира Заев, кој попладнево во Клубот на пратениците треба да има средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети