Под слоганот „Честит 11 Октомври! Секогаш слободни!“ денеска во државата со повеќе свечености ќе биде одбележан на 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ.
Свеченостите се во организација на Владата на Македонија, а ќе се одржат во посебни услови согласно протоколот за одбележување државни празници на Комисијата за заштита од заразни болести односно без масовни народни собири, со минимум присутни лица и почитување на здравствените протоколи – обезбедена дистанца и заштита.
Претседателот на Владата Зоран Заев по повод чествувањето на 79 години од Денот на народното востание на македонскиот народ, денеска ќе се обрати на свеченото одбележување во Куманово, кое ќе започне со положување цвеќе пред Спомен – Костурницата.
Премиерот Заев на положувањето цвеќе ќе ја предводи делегацијата која ја сочинуваат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Како дел од свеченото одбележување на државниот празник 11 Октомври, владини делегации ќе положат цвеќе и во Прилеп и Скопје.
Во Прилеп, владина делегација предводена од заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, придружуван од министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за образование и наука Мила Царовска, ќе положат цвеќе на: Споменикот на Методија Андонов-Ченто, чиј внук Јане Ченто денес е в затвор поради македонски патриотизам, Споменикот на Кузман Јосифовски-Питу, Алејата на народни херои, Споменикот „Жена борец“ и Могилата на непобедените.
Венци цвеќе, пред Споменикот на борците, кои паднаа за ослободување на Скопје, ќе положи владина делегација предводена од првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, а во состав министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за правда Бојан Маричиќ и министерот за здравство Венко Филипче.
По повод државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание,собраниски делегации ќе положат цвеќе во Скопје, Прилеп и Куманово.
Пратеничките Снежана Калеска-Ванчева и Бети Стаменкоска-Трајкоска,во Скопје, ќе положат венец свежо цвеќе на споменикот на ослободителите на Скопје – Платото пред Владата. Пратениците Миле Талески и Ане Лашкоска, во Прилеп, ќе положат венци свежо цвеќе на споменикот на Методија Андонов-Ченто, на споменикот на Кузман Јосифовски-Питу, во Алејата на народните херои, на споменикот „Жена борец“, и на Могилата на непобедените. Пратениците Мартин Костовски и Бране Петрушевски, ќе положат свежо цвеќе на спомен-костурницата во Куманово.
Со цел почитување на препораките за заштита од коронавирусот КОВИД-19, бројот на учесниците во настаните, кои ќе се случуваат без традиционалната културно-уметничка програма и без собири на граѓани, е ограничен.
Организираното востание почна во 1941 година кога Првиот прилепски партизански одред го нападна бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.
11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.
Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција државава застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности.
Македонскиот народ самостојно се избори за својата слобода. Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највиок ранг како корпуси и дивизии.
За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што фашистичките окупатори ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети.
Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.
Минувајќи го патот на својот повеќедецениски развој и растеж како дел од СФРЈ, а потоа и како самостојна држава, пребродувајќи го конфликтот во 2001 година, Македонија, денес е полноправна членка на Обединетите нации, членка на НАТО и очекува одржување на првата меѓувалдина конференција која означува старт на преговорите за членство со Европската унија.