Српскиот амбасадор во Украина Аца Јовановиќ изјави дека амбасадата испратила нота до Министерството за надворешни работи на Украина со барање да им се дозволи на камионите со српски возачи да ги преминат граничните премини, да ја напуштат таа земја и да се упатат кон Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
-Министерството за надворешни работи на Србија (МНР) вчера го повика украинскиот амбасадорот (во Белград) Олександр Александрович и побара од него да ги преземе сите мерки преку своите канали за овие возачи да ја напуштат Украина. Потоа синоќа за што повеќе да влијаам на решавање на тој проблем му се јавив лично, разговаравме и го замолив да направи се за да тоа се реши и да се пуштат тие возачи, бидејќи други возачи поминуваат, изјави Јовановиќ за ТВ Хепи.
Тој додаде дека му рекол на Александровиќ дека ќе ги информира и медиумите за разговарот и дека го замолил „од колегијални причини и од нашите пријателски, братски односи да направи се за да се реши проблемот“.
-Во овој момент не знам какви се неговите можности, дали тој има кому да се јави. Овде не работат државните органи, не работат институциите. Војна е, кажа Јовановиќ, наведувајќи дека во соработка со Српската стопанска комора и МНР прави сè за да го реши проблемот.
Тој потсети дека српските камионџии чекаат четири-пет дена да ја поминат украинската граница, иако нема технички причини тоа да не се дозволи.
-Камионите кои се враќаа од Русија и Белорусија на граничниот премин, на излез од Украина, граничните власти не им дозволуваат да ја напуштат територијата на таа земја со стоката што ја возат. Имаме и еден број камиони кои се движат кон Русија и Белорусија, кои се вратени од граница и се враќаат. Имаме и камиони кои се запрени на среде патот, на некои големи паркинзи, изјави српскиот амбасадор во Киев, наведувајќи дека амбасадата е во контакт со возачите.
На прашањето за српските државјани кои останале во Украина, тој кажа дека амбасадата е во контакт со нив секој ден, додавајќи дека амбасадата ги предупредила српските граѓани да ја напуштат земјата уште пред официјалната препорака.
Тој изјави дека во Киев, каде што се уште е српската амбасада, останале многу малку амбасади, не повеќе од десет, бидејќи некои уште порано биле преместени во Лавов, или целосно затворени.