Соседна Србија може да добие две нови фабрики на светските автомобилски гиганти Мерцедес и Тојота, објавуваат српски медиуми.
Магазинот Недељник пишува дека биле започнати преговори за градење на фабриките, повикувајќи се на добро информиран претприемач вклучен и во германската и во српската бизнис заедница.
– Преговорите се во тек со неколку светски произведувачи на автомобили. Најдалеку се отидени преговорите со Мерцедес, потврдил за Б92 висок функционер на српската влада.
Како што пишува Недељник, јапонскиот гигант Тојота испратил писмо до општината Инѓија. Најавена е изградба на фабрика за автомобили вредна една милијарда евра, потврдил претседателот на општината Инѓија Владимир Гак.
– Прашањето кое виси во воздух додека не стигнат повеќе информации за овој аражман е дали Тојота проценила дека ѝ се потребни нови капацитети, покрај фабриките во Турција и Чешка, за освојување на европскиот пазар и верува дека Србија е добро место за таа стратегија, наведува Недељник.
Неодамна српскиот претседател Александар Вучиќ најави „убава вест“ и како што тогаш рече ќе почека таа да биде потврдена пред да биде објавена во јавноста.