Српскиот министер за труд, вработување и социјални работи Зоран Ѓорѓевиќ изјави денеска дека отпуштањето на работниците без основ и испраќањето вработени на неплатен одмор без нивна согласност е кршење на Законот за работни односи и порача дека сите работодавци кои тоа ќе го сторат ќе бидат казнети, и дека државата ќе стои зад работниците во таква ситуација.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Ѓорѓевиќ кажа дека од воведувањето вонредна состојба поради епидемијата со коронавирусот, голем број вработени во приватниот сектор се отпуштени или испратени на неплатен одмор, како и дека со Законот за работни односи јасно се дефинирани правата, обврските и постапките на работодавците и дека има голем број мерки што можат да ги преземат за време на вонредната состојба, но дека отпуштањето работници без основа и испраќањето на неплатен одмор е кршење на законот.
-Ова не се однесува само на вработените со полно работно време, истите права ги имаат и вработените со договори на определено време, кажа Ѓорѓевиќ за ТВ Прва.
Тој ги повика работодавците да го следат примерот на државата и да не отпуштаат работници и да не ги намалуваат платите за време на вонредната состојба.
На прашањето дали вработените кои работат од дома затоа што имаат деца под 12-годишна возраст, ќе примат полна плата, Ѓорѓевиќ кажа дека тоа зависи од решенијата со кои е регулирано нивното отсуство од работа и нагласи дека работата од дома се плаќа.
Тој истакна дека е важно за вработените кои се во самоизолација да имаат одлука на надлежен орган дека се во самоизолација врз основа на што ќе им биде исплатен отсаството.