Министерот за одбрана Милош Вучевиќ изјави дека се е подготвено за утрешното претставување на можностите на српските вооружени сили „Гранит 2023“и дека Србија никому не се заканува и нема претензии кон никого, јави дописникот на МИА од Белград.
Вучевиќ кажа дека демонстрацијата на можностите на српската армија на воениот аеродром „Полковник-пилот Миленко Павловиќ“ во Батајница е манифестација што се одржува по повод Денот на Војската и е дел од српската историја.
-Го организиравме овој настан по наредба на претседателот во врска со Денот на Војската. Никому не му се закануваме, но да, ова е демонстрација на нашата способност и е фактор за одвраќање за сите оние кои не се добронамерни кон нашата земја, изјави Вучевиќ.
Тој објасни дека на утрешната манифестација ќе учествуваат околу 5.100 војници, а на дефилето ќе поминат околу 1.600 припадници на единицата за специјални намени, додека остатокот од армијата ќе биде распореден на различни точки од програмата.
Вучевиќ изјави дека голем дел од она што ќе биде прикажано е произведено во српската наменска индустрија и дека посетителите ќе можат да го видат и новото летало на далечински управувач кое неодамна пристигнало, нешто што досега Србија го немала.
-Ова е најголемиот приказ на воена способност во последните 20 или повеќе години во нашата земја, рече тој.
Министерот за одбрана повтори дека Србија своето оружје од наменската индустрија не го продава на завојуваните страни и дека не сака да учествува во војната.
-Некој ни ја купува муницијата, нашите градови живеат од тоа, што да правиме, да ги затвориме сите фабрики? Дали некој што купил од нас го злоупотребува тоа, можно е, но тоа не е ништо што можете да и замерите на Србија која се однесува како совесен продавач и која ги почитува сите норми и правила на меѓународната трговија, рече Вучевиќ.