Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека Русија гледа закана во потенцијалното членство на Украина во НАТО, што би било „сериозна, голема опасност за земјата, за безбедноста“.

Песков ова го изјави на денот кога генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја посети украинската престолнина, за прв пат од почетокот на инвазијата.

„Иднината на Украина е во евроатлантското семејство, иднината на Украина е во НАТО. Во исто време, главната цел на Северноатлантската алијанса и нејзините сојузници е да обезбедат Украина да победи“, изјави Столтенберг во Киев.

Портпаролот на Кремљ, исто така, ги коментираше неодамнешните тврдења од Киев дека рускиот претседател Владимир Путин користел двојници на патувањата во Херсон и Луганск, велејќи дека тоа се „некако чудни“ тврдења.