Од Групација на производители и преработувачи на пластични маси при Сојузот на стопански комори на денешната прес-конференција реагираа на измените со кои за биоразградливи кеси ќе се наплаќа надомест од 15 денари. Велат дека за да го преориентираат производството кон биоразградливи кеси треба да вложат по околу пет милиони евра, а дополнително и не им се достапни материјалите за производство.

Истакнаа, дека поради измените драстично ќе им биде намалена побарувачката, а тоа ќе доведе до отпуштање на работниците. Во тие фирми работат околу 600 лице.

– Драстично ќе се намали продажбата. Откажани ни се сите поголеми нарачки од маркетите и од нашите потрошувачи. Значи, некаде на 10 проценти ќе паднеме на вкупно производство. Значи 90 проценти го губиме производството. Ќе се отпуштаат работници, веќе имаме најави за отпуштање.  И да се премини на биоразградливи кеси, прво материјалот е недостапен, друго треба инвестиции во нови машини. Сите имаме инвестирано во нови машини, во нови обуки за вработените, на подобрување на условите за работа и сега треба инвестираме пак во нови машини и ако инвестираме материјалот е недостапен, тоа е на глобално ниво, не само кај нас. Со министерот за животна средина разговаравме, рече тоа е и не се менува ништо може едноставно да ставите клуч, истакна Александар Боризовски заменик претседател на Групацијата на производители на платични маси.

Тој додаде дека една половна машина за приозводство изнесува 500.000 евра. Минимум, како што нагласи, што секој треба да вложиме е по пет милиони евра за да дојдеме до ова производство сега што сме, значи тоа е најголемиот проблем.

– Секаде во светот се соочуваат со недостаток на храна не сега ќе правиме кеси од шекерна репка од пченка од нишесте….  Тоа е малку нелогично. Во Македонија нема фирми што произведуваат такви кеси.  Во ниедна европска земја сите кеси не се биоразградливи, како што е донесен кај нас законот.  Пазарите се соочуваат со вистински проблем, цената на хартијата е за 50 проценти поскапа од кесата, нагласи Боризовски.

Се што е од полиетиен, посочи, може да се рециклира.

– Полиетиленските црни вреќи за отпад се исто од полиетилен, кај нас не се прави голема заштита ние да се заштитиме од полиетиленотот. Прво треба да има селекција на отпад, се што е пластика да се селектира. Сите ја гледаме кесата како загадувач, а во кесата има 70 проценти пластика, сите производи се во пластика.  Како прво треба да имаме од дома селекција на отпадот и да има каде да се фрли во повеќе контејнери, да се селектира. Секаде се оди на рециклажа на полиетиленот, само кај нас завршува на депонија.  Црните вреќе полиетиленски се увезуваат од Италија и од Полска, зошто да се увезуваат? Државата ги субвенционира рециклираниот материјал да го изнесат од државата. Сите фабрики кај нас имаме машини за производство на црни вреќи. Нашите машини стојат.  Секаде се заштитува рециклиран материјал да не влегува во државата, само кај нас се увезува од надвор. Кај нас треба да се направи селекција на отпад, тој отпад да се рециклира и да се произведуваат црни вреќи. Имаме машини за рециклирање, потенцираше Боризовски.

Ели Качева, претседавач на Групацијата посочи дека заштитата на животната средина и одржливо располагање со ресурсите е важен општествен приоритет, но за оваа цел да биде реализирана неопходен е системски пристап и инклузивност на процесот на носење на одлуки со вклучување на сите засегнати страни, како и предвидување на соодветен период на прилагодување кон новите законски решенија. Секој друг пристап, ако што додаде, нема да донесе имплементација на одржливи решенија за заштита на животната средина, туку само ќе ја загрозат егзистенцијата и опстојувањето на голем број деловни субјекти.

Во таа насока Групацијата истакнува барање за целосно одложување на примената на Законот за управување со пакување и отпад од пакување, бидејќи е донесен без консултација на приватниот сектор и погодува цела индустриска гранка.

– Со новиот Правилник за стандардите за биоразградливост кои треба да ги исполнуваат кесите за носење на стоки, начинот на пуштање на пазар на биоразградливи кеси од страна на трговците како и формата и содржината на образецот за водење на евиденција, употребата на оксо-биоразградливи кеси останува до 01 Јуни 2023, а потоа треба да бидат заменети со биоразградливи. За тоа да се обезбеди потребни се дополнителни инвестиции, обука на вработените, а дадените роковите се премногу кратки. За споредба во Германија донесен е закон во 2015 година со кој на производителите им се остава рок од 7 години за адаптација и пренамена на своето деловно работење. Исто така во ниту една држава не е целосно забранета употребата на најтенките кеси под 15 микрони кои се користат за размер на овошје и зеленчук, како што е кај нас, истакна Качева.

Но, посочи Качева,  иако има одложување на забраната за користење на оксо-биоразградливи кеси, нивната цена од вчера изнесува 15 денари, што преставува дополнителен удар за производителите, трговците и граѓаните.

– Сметаме дека надоместокот кој ќе го плаќаат граѓаните за една кеса од 15 денари претставува дополнителен финансиски товар, во време на економска криза и пандемија. Производителите на пластични кеси се соочени со големи проблеми бидејќи голем дел од нарачките се откажуваат, со што значително се намалува обемот на работа. Примената на законското решение е проблематично и затоа што нема прецизен план и програма за што ќе се трошат средствата кои ќе се уплаќаат на сметката во Министерството за животна средина“, објаснува Качева и додава дека поради недореченостите во законот во моментов владее хаос.

За надминување на состојбите од  Групацијата истакнуваат неколку барања упатени до Министерството за животна средина и просторно планирање.

– Прво бараме да се укине надоместокот од 15 денари бидејќи не само што нема никаква пазарна логика, туку е и многу повисок споредено со другите држави. Компаративната анализа која ја направивме покажува дека цената на кесите во Србија изнесува 7,5 денари, а во Грција девет денари. Сметаме дека зголемувањето на цената треба да биде сукцесивно во етапи. Исто така неопходно е да се интервенира во казнените одредби бидејќи глобите за трговците доколку на пример не водат соодветна евиденција за продажбата на кеси се и до 180.000 евра. Од овие законски измени директно е засегнaто опстојувањето и егзистенцијата на 32 претпријатија кои бројат вкупно 600 вработени физички лица, невклучувајќи ги и надворешните соработници како добавувачи на репроматеријали, дистрибутери. Затоа е неопходно законот да се измени и да се изнајде заедничко решение, во консултација и работни групи со производителите и трговците, истакнува Качева.