Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) изрази сериозна загриженост и оправдан револт поради Предлог-законот за измена на Законот за работните односи, предложен од пратеникот Арбер Адеми и група пратенции од владејачкото мнозинство, кој треба да се гласа в понеделник во Собранието.
Тој е дел од пакетот законски измени со кои треба да се олесни изградбата на автопатите од Коридорот 8 и 10, проекти вредни 1,3 милијарди евра што ќе ги гради „Бехтел и Енка“. Целиот пакет е на дневен ред на седницаТА 112 во Собранието в понеделник.
Предложениот закон предвидува измена со која се овозможува уредување на местото и начинот на исплата на платата на работници на проекти од национален и стратешки интерес за Македонија. Дополнително, се воведува можноста за работа во недела како и прекувремена работа подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот.
– На работникот кој работел над 150 часа подолго од полното работно време, а не отсуствувал од работа повеќе од 21 ден во текот на годината, кај истиот работодавач, во кои не се засметуваат деновите на искористен годишен одмор работодавачот, е должен да му исплати покрај додатокот на плата и бонус во висина од една просечна плата во Републиката, се вели во Предлог-законот.
Во Предлогот се утврдуваат низа дејности во кои мое да се работи во недела, а работникот во тие дејности покрај правото на додаток на плата за работа во недела, има право и на користење на неделен одмор во наредните седум дена. Додатокот на плата за работа во недела изнесува најмалку 50% за секој час поминат на работа, доколку со закон и колективен договор не е утврден повисок износ на додатокот, предвидува Предлог-законот.
– Владата продолжува со намерата докрај да ги понижи македонските работници, да им го одземе достоинството и да ги направи робови во сопствената држава за сметка и интерес на странски компании и корпорации… спротивно на принципите на меѓународното трудово право, Конвенциите на МОТ, Одлуките на Уставниот суд кој детално се произнесе по тие прашања и ги прогласи за неуставни. Апелираме до сите пратеници добро да размислат пред да го дадат својот глас за овие катастрофални предлози за измени на законите по работничките права, кои се предлагаат без социјален дијалог, без јавна дебата, без дискусија и без време да се разберат последиците од истите доколку се усвојат. Потсетуваме дека еднаш веќе им го оспоривме и им го укинавме ова пред Уставниот суд, велат од ССМ.
Натаму додаваат:
– Национален и стратешки интерес на државата треба да биде да има здрави и добро платени работниците, да ги задржи работниците дома, а не да им дава билет во еден правец надвор од државата, зошто без работниците и граѓаните нема ниту пратеници, министри и функционери, а нема ниту држава“.
Македонското археолошко друштво денеска реагираше против предложеното дополнување на Законот за заштита на културното наследство, што е дел од пакетот закони што ќе се гласа в понеделник.
Според Предлог-законот, изведувачот на градежните работи на проекти од државен интерес има обврска да го пријави откритието до надзорниот инженер, наместо до надлежната јавна установа за заштита или до Министерството за внатрешни работи.
Предлог- законот ги намалува обврските на изведувачите на градежните работите на проекти од државно значење кои произлегуваат од случајното наоѓање на археолошко наоѓалиште и археолошки предмети.