Вработените во судовите се уште немаат земено плата. Судскиот буџетски совет денеска да донесе одлука за додатоци на плата за вработените во судовите кои ги немаат добиено осум месеци наназад. Доколку таква одлука не се донесе луѓето во четири суда по одржани состаноци бараат прекин на работа, дали ќе биде штрајк, протести тоа треба да се организира, истакна денеска претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски.
Според последните информации од таму, посочи, побарано е 25 отсто додатоци на плата за вработените, меѓутоа судиите се бунат, не сакаат вработените да добијат 25 отсто додатоци на плата, па одложената средба на Судски буџетски совет за неколку часа е за да се направат нови пресметки и нови математики и ќе видиме каква ќе биде одлуката, дали вработените ќе добијат додатоци на плата за овој месец.
– Во судовите се уште немаат примено плата иако сме 10-ти декември, за регрес за годишен одмор се чекаат математики иако имаме информации дека мора да се исплатат до 15 декември, бидејќи тогаш ќе затвори трезорот на Министерството за финансии. Оваа состојба ја доведе Судски буџетски совет и судиите. Судиите неосновано, надвор од секој разум, тужат по основ на колективни договори кои се потпишани од синдикатите. Судите се функционери, не се работници. Тие се функционери како што се другите, дали е тоа министер, пратеник, заменик-министер, премиер, претседател на Собрание. Не може функционер да тужи за права од колективни договори кои се наменети за нас работниците. Ова е изигрување на целосен правосуден систем во државата. На пример ако работник од судовите суди или поднесе тужба во кој било суд за да се донесе одлука чекаме од три до четири години, а ако судија тужи имаше таков пример сега поднесена тужба во јули, а правосилна пресуда во август, рече Деаноски.
Според него, конкретното решение е да се вреднува трудот на работникот во оваа држава.
– Имаме моментално два система на плата кои се на сила, од кои едниот е поповолен, за жал не се применува. Во судството и обвинителството се направени нови закони за судска и обвинителска служба во кои има нов систем на плата во кој ќе бидат наградени вработените заслужно за тоа што го работат и ќе се решат голем дел од проблемите во овие две категории во правосудството. Доколку тоа се среди мислам дека нема да има проблеми. Доколку има штрајк најмногу ќе трпат граѓаните и адвокатите, рече Деаноски.
Ако има најава, посочи, да се донесе измена на законот за да имаме независен Судски буџет нека почне што побрзо, па да видиме и да ги повикам надлежните што побрзо до крајот на годинава да се донесе законот за судска служба и законот за обвинителска служба во кои има и повисоки плати за работниците.

На прашање за колкава бројка вработени се работи кои се уште немаат земено плата, рече дека моментално во судовите има 1.400 до 1.600 вработени. Тој потенцира дека три години нема одобрени планови за вработување, а најголемиот товар паѓа врз дактилографите, стручните соработници и референтите. Укажа и на малиот број дактилографи вработени во судовите.
– Судиите имаат плати како функционери и со одмрзнувањето на одлуката од 2009 година за замрзнати плати на функционери добија 78 отсто додаток на плата. Има информации дека имаат поднесено иницијатива до Уставен суд и бараа да падне одлуката на Влада што ја носат секоја година за замрзнување на коефициентите на функционерите. Ако падне таа одлука тоа значи дека процентуално пак ќе се зголемат платите на судиите, на другите функционери, што е поразително. Од сите функционери само судиите немаат образ и користат права од колективни договори. Ова би значело дека и пратеници, и министри и директори, и заменици-министри и премиер ќе треба сега да добие регрес за годишен одмор или јубилејна награда. Незнам до кога ќе биде доста, рече Деаноски, одговарајќи на новинарско прашање.
Деаноски претходно на прес-конференција рече дека почнуваат проект насловен „Синдикат силниот глас на младите“, од Еразмус плус програмата на ЕУ и е втор ваков проект кој го водат, ќе трае 24 месеци и ќе вклучи 11 организации од Македонија, Србија, Хрватска, Литванија, Турција, Романија и Словенија. Во тие организации се синдикати, универзитети, младински организации и истражувачки организации.
– Оваа комбинација на синдикати, универзитети и организации од младинскиот сектор дава и ќе даде голема европска слика на овој проект. Фокусот е ставен на младите. И во Македонија и во другите земји и останатите земји од ЕУ постгои голем проблем а тоа е дека младите луѓе се повеќе ги напуштаат татковините и бараат подобри услови за работа и живот во другите европски земји, па дури и во Америка и Австралија. Причините се несигурни работни места, ниски плати, немање можност за унапредување и самите институции кои не го слушаат гласот на младите и тие не се вклучени во органите и телата кои носат одлуки за нивниот натамошен живот. За жал ваквата состојба се одразува и врз синдикатите, рече Деаноски.
Во Управата и правосудството, појасни, веќе нема атрактивни плати, сите огласи кои се даваат за вработување паѓаат, а најмалку млади лица се пријавуваат да работат, што придонесува синдикатите да имаат се помалку млади членови и да останат еден ден без никаква иднина.
– Затоа целта на проектот е да докаже дека младите не смеат да бидат неми набљудувачи, дека синдикатите можат да бидат нивниот глас кој ќе се слушне многу подалеку од оваа држава и дека преку образование, мрежи и солидарност можеме да создадеме услови младите да останат во сопствената земја. Преку нивно задржување и нивно зачленување во синдикатите ќе може да се развие нова генерација млади синдикални лидери и активсти кои ќе располагаат со повеќе знаење и практични алатки со кои ќе се придонесе за активно учество во процесите на одлучување во синдикатите, застапување на правата и интересите на младите работници и учество во креирање политики на национално и европско ниво, додаде Деаноски.
Фото: Архива




