Младите да останат во Македонија, пензионерите да се спокојни, а работоспособното население да ужива во своите права. Целта е оваа, а реакцијата на граѓаните е „Добро е, има надеж“.

Ваква е оценката на пратеничката Бети Стаменкоска Трајкоска,  по низата средби со македонските граѓани. Во интервју за КУРИР таа ги откри и очекувањата од локалните избори кои ќе се одржат есенва.

-За да зборуваме за тоа каква е онаа рефлексија која ја добиваме кога се движиме помеѓу граѓаните, а впрочем како пратеници и наша работа и чест е да се биде помеѓу граѓаните, на кратко кога би го кажала тоа би кажала „Добро е, има надеж“. Реакцијата на граѓаните е „Добро е, има надеж“. Прво ќе ги земам за пример пензионерите. Нивното покачување на пензиите кои ги примаат од 5.000 денари од кога е ВМРО-ДПМНЕ на власт, навистина го менува нивното расположение, нивниот комодитет кој го имаат. Сето тоа кое во здравството како реформи се направи, даваат една надеж дека работите во Македонија конечно се менуваат. Време е Македонија да биде на вистинскиот пат и сметам дека сега сме на вистинскиот пат. Покачувањето на платите во секторот образование, здравство, полиција… Сè она што изминативе години воопшто не се работело во државата, сега имаме една надеж дека нештата конечно се менуваат, но не се менуваат во правец на тоа да не им одговара на граѓаните туку да им одговара. Рефлексијата или сето она што ќе се случува во иднина, а да е поврзано со локалните избори кои ни следуваат, јас сум силно убедена дека граѓаните го препознаваат сето ова што се случува и граѓаните ја препознаваат нашата желба за мотивираност, нашата желба за успех и сум сигурна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе издејствува една убава, квалитетна и стабилна победа на претстојните локални избори, истакна пратеничката.

ВМРО-ДПМНЕ е една година на власт. Ја прашавме пратеничката што би издвоила како најважно кога зборуваме за досега реализираното, со често употребувана фраза дека „не е како до сега“.

-Фразата „како до сега“ стана често употребувана во нашите политички кругови како термин кој го употреби Али Ахмети, кога му дошепна на господинот Ковачевски. Не за џабе ги спомнувам истите, туку сакам да направам компарација со тоа нешто од претходно. За потсетување, сите оние злоупотреби на службената должност кои ги правеше Ковачевски, за кои јас лично имам гласно говорено во Собранието дека се злоупотребува тенденциозно. Јас бев навредувана од Ковачевски, но нека му служи на чест. Добро е што е сега во минатото, како што добро е што и Заев е во минатото, рече таа.

Стаменкоска Трајкоска во видео интервјуто потсети на само дел од скандалите за време на претходната власт.

-Кога би направиле компарација на тоа време и ова денес што се случува, јас одговорно тврдам дека има разлика и воопшто не е како до сега што било, како до периодот кога Владата на Република Македонија ја водеа ДУИ, а беа поддржувани од СДСМ. Има разлика и тоа е добро, тоа е надежно, затоа што сега има реализација на проекти, надеж и можност за младите да останат во Македонија, пензионерите да уживаат, а работоспособното население да ужива во своите права и можности, професионално и одговорно, рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.

Еден од проблемите кои ги засегаат сите е загадениот воздух. Стаменкоска Трајкоска оценува дека проблемот со аерозагадувањето станува важна тема која веќе не се избегнува, туку отворено се дебатира и заеднички се бараат решенија. Нејзиното детално објаснување за важноста од оваа тема можете да го слушнете во видеото.

Стаменкоска Трајкоска по професија е професор, како и министерката за образование и премиерот. Македонија да има квалитетен образовен систем е еден од нивните приоритети.

-Многу нешта се сменија во изминатава една година. Оваа Влада навистина многу работи и резултатите се веќе видливи. Во делот образование за оваа една година има капитални инвестиции кои биле започнати и завршени. Замислете, во минатото студентите не ја добиваа својата стипендија на време . Во минатото наставниците добиваа покачувања, но не на таков начин и толку како што сега наставниците плански имаат еден концепт на покачување на нивните плати. Мене ми даде надеж и најавата на премиерот кој ги кажуваше минималните вредности на покачување на платите, но јас сум сигурна, доколку сите заеднички работиме квалитетно, во правец на подобрување на стандардите во Македонија, во правец на сузбивање на сива економија и сето тоа што може да значи дека економијата ќе оди на добар правец, дека платите ќе се зголемуваат и многу повеќе од она што е кажано во овој четиригодишен период . Буџетот во образование е зголемен, зголемени се можностите. Се раздолжуваше министерката бидејќи имаше многу наталожени долгови од претходното неработење. Во иднина има многу што да се работи…., рече пратеничката.

Целото интервју со пратеничката Бети Стаменкоска Трајкоска погледнете го во видеото.